06.11.2023 Скопје
Производството на афион во Авганистан, некогаш најголемиот светски снабдувач, драстично опадна.
Според извештајот на Обединетите нации, ова се случи откако талибанските власти го забранија одгледувањето наркотици минатата година.
Канцеларијата на ОН за дрога и криминал (UNODC) соопшти дека одгледувањето опиум на национално ниво се намалило на само 10.800 хектари во 2023 година, во споредба со 233.000 хектари претходната година, намалувајќи ја понудата за 95 отсто на 333 тони.
Од Канцеларијата на ОН за дрога и криминал истакнуваат дека ова значеше притисок врз земјоделците во земјата разурната од војна, каде што повеќето луѓе зависат од земјоделството и каде што вредноста на извозот на афион повремено ја надминува вредноста на сите формално извезени стоки.
Во извештајот се наведува дека остриот пад може да има големи последици за економијата во земја каде што на околу две третини од населението веќе им е потребна хуманитарна помош.
Извршниот директор на Канцеларијата на ОН за дрога и криминал, Гада Вали, изјави дека во текот на следните месеци, на Авганистан очајно му требаат силни инвестиции во одржливи средства за живот за да се обезбедат можности за авганистанските фармери да се оддалечат од одгледувањето опиум.
„Ова претставува вистинска можност да се постигнат долгорочни резултати во борбата против нелегалниот пазар на опиум и штетата што ја предизвикува на локално и глобално ниво“, додаде таа.
Канцеларијата на ОН за дрога и криминал проценува дека огромното намалување на залихите од Авганистан – за кое се проценува дека покрива околу 80 проценти од нелегалниот опиум во светот – може да резултира со пад на меѓународната употреба на опиум, но исто така ризикува да ескалира глобалната употреба на алтернативи како фентанил или синтетички опиоиди.
Врховниот водач на Талибанците, Хибатул Акуњад, во април 2022 година го забрани одгледувањето на афион, од кој се извлекува опиумот, клучната состојка на хероинот, а Министерството за внатрешни работи соопшти дека ќе ги уништи сите преостанати култури.
Канцеларијата на ОН за дрога и криминал соопшти дека многу земјоделци се префрлиле на одгледување пченица, но дека заработката е значително помала отколку од одгледувањето афион.
Подготвено од А.Ѓ.