01.11.2023 Скопје
Како одговор на зголемените европски регулативи за заштита на податоците на корисниците, компанијата Мета ќе понуди услуга за претплата без реклами за корисниците во Европа. Цената на претплатата варира во зависност од платформата.
Мета најави нова опција за претплата која им овозможува на корисниците во Европа пристап до Facebook и Instagram без реклами.
Услугата за претплата ќе биде достапна од ноември, по цена од 9,99 евра месечно за пристап преку веб и 12,99 евра месечно за пристап на уредите со Android и iOS. Оваа опција ќе биде достапна за сите во Европската унија, Европската економска област и Швајцарија.
Како причина за ваквата одлука, компанијата ги истакна сè поригорозните регулативи во Европа во однос на собирањето и користењето на податоците за корисниците. Во блог пост во понеделникот, Мета ја цитираше пресудата од јули на Судот на правдата на Европската унија, која сугерираше дека компаниите треба да ги разгледаат алтернативните опции за услуги „доколку е потребно, за соодветна компензација“.
Мета, исто така, најави дека ќе продолжи да обезбедува услуги поддржани од реклами на овие пазари без дополнителни трошоци за клиентите кои не сакаат да се претплатат на новата услуга.
Овој потег е уште еден во низата адаптации на големите технолошки компании кон европските закони за заштита на податоци и приватност. Иако многу корисници веќе пројавија интерес за верзии на социјалната мрежа без реклами, останува да се види како овој модел на претплата ќе се вклопи во пошироката стратегија на компанијата и дали ќе влијае на другите сегменти на пазарот.
Подготвено од А.Ѓ.