portugalski premier

08.11.2023 Скопје

Португалскиот премиер Антонио Коста поднесе оставка откако беше објавено дека се води истрага за корупција во врска со концесии за рударство и енергија и по денешниот претрес на неговата службена резиденција и две министерства.

Коста изјави дека претседателот на Португалија ја прифатил неговата оставка.

Истрагата против Коста, кој е премиер од ноември 2015 година, прво ја објавија медиумите, а потоа ја потврдија и државното обвинителство.

Коста во своето обраќање пред новинарите истакна дека сака да му каже на португалскиот народ дека не е виновен и дека верува во судскиот систем и неговата независност.

Коста рече дека оставката ја поднел бидејќи, како што наведе, достоинството на премиерската улога не смее да се поврзува со сомневање за какво било кривично дело.

Неколку згради на португалската влада денеска беа претресени како дел од истрагата за наводни незаконитости при склучување зделки поврзани со литиум и таканаречениот чист водород, соопштија официјални лица, додека локалните медиуми објавија дека се приведени две лица блиски до премиерот.

Приведени се најмалку пет лица, меѓу кои и шефот на кабинетот на премиерот Антонио Коста, Витор Ескари и деловниот консултант Диого Лакерд Маќад, кој е пријател на премиерот.

Кабинетот на премиерот потврди дека биле претресени просториите на владата, но одбиле да коментираат повеќе.

Според локалните медиуми, истражителите извршиле претрес на повеќе владини згради, меѓу кои и официјалната резиденција на премиерот, Министерството за животна средина и Министерството за инфраструктура.

Португалската полиција изјави дека нивните полицајци им помагале на истражителите за време на претресот.

Државните обвинители во јануари објавија дека е во тек истрага за деловните проекти за литиум и водород, но тогаш не ги наведоа имињата на осомничените.

Со 60.000 тони откриени резерви, Португалија веќе е најголемиот европски производител на литиум.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author