27.11.2023 Скопје
Војната во Украина би можела да продолжи уште долго, а ниту една страна нема да може да направи одлучувачки пробив оваа или следната година, пишува Иво Далдер, поранешен амбасадор на САД во НАТО.
Тој посочува дека за неуспехот на летната офанзива, Украина индиректно ги обвинува САД и нивните западни сојузници дека не им обезбедиле доволно опрема на време, додека САД го сметаат украинското воено и политичко раководство за одговорно за премногу растурање на нивните сили за време на летна офанзива наместо да ги фокусираат на една точка и дека непотребно потрошиле месеци обидувајќи се повторно да го ослободат Бахмут.
Далдер оценува дека двете страни се делумно во право, но дека Западот мора да продолжи да дава воена, логистичка и разузнавачка поддршка на Украина. Според него, сепак, најважно е Западот да обезбеди безбедносни гаранции за Украина дури и ако нејзината армија не успее да ја врати целата територија, истакнувајќи дека политичката иднина на Украина е поважна од територијата.
Неговата оценка е дека сегашната технолошка состојба на воената опрема ја фаворизира одбраната, а Валериј Залужни, врховен командант на украинските сили, неодамна призна дека војната влегува во ќорсокак поради технолошката состојба. Во изминатата година, како што истакна, се смениле само еден процент од вкупната територија на Украина, што говори за влез во фаза без победник.
Тој предупредува дека Русија, чија економија преминува во фаза на воено производство, ќе може да издржи подолго од Украина, особено без помош од Западот, и дека затоа е императив САД и нивните сојузници да ја убедат Русија дека ќе продолжат да ја поддржуваат Украина.
„И најдобриот начин да се направи тоа е да и се понуди на Украина веродостојна безбедносна гаранција, со што ќе и биде јасно на Москва дека никогаш нема да може да го освои остатокот од земјата. Затоа Вашингтон и клучните европски сојузници треба да размислат за давање на Украина – или барем територијата што сега ја контролира – сегашни и обврзувачки билатерални безбедносни гаранции“, смета тој.
Поентата на таквиот договор, смета тој, би била да се убеди Киев и да и се сигнализира на Москва дека безбедноста на Украина е од трајно значење за САД и нивните сојузници.
Подготвено од А.Ѓ.