23.11.2023 Скопје
Агенцијата за истражување на пазарот Counterpoint од Хонг Конг денеска објави дека продажбата на паметни телефони на глобално ниво во октомври се зголеми за пет отсто на годишно ниво, за прв пат во последните 27 месеци.
Во соопштението се наведува дека лидерите на растот се пазарите во развој, на Блискиот Исток и Африка, а растот беше поддржан и од враќањето на компанијата Huawei во Кина и почетокот на сезоната на годишни одмори во Индија.
iPhone 15 на Apple се појави на пазарот на крајот на септември, а првите ефекти од продажбата се почувствуваа во октомври.
Во Извештајот на Counterpoint се додава дека поразвиените пазари каде што има заситеност на пазарот на паметни телефони доживуваат побавно закрепнување.
Врз основа на овие резултати, агенцијата очекува глобалниот пазар на паметни телефони да расте од година во година во четвртиот квартал од 2023 година и постепено да закрепнува во текот на следните квартали.
Подготвено од А.Ѓ.