https://en.wikipedia.org/wiki/File:Lithium_paraffin.jpg

28.11.2023 Скопје

Компанијата Vulcan Energy официјално отвори фабрика за производство на литиум, во градот Ландау, Германија.

Литиумот ќе се добива со екстракција од геотермалниот резервоар на солена вода во долините на горниот тек на реката Рајна, најголемиот европски ресурс на литиум, објави компанијата.

Ова ќе бидат првите хемикалии со литиум од локално потекло произведени во Европа.

Инвестицијата е вредна 40 милиони евра и е дел од проектот Zero carbon lithium, кој ќе овозможи производство на литиум со нето нула јаглероден отпечаток, прв од ваков вид во светот, благодарение на топлата, геотермална вода.

Истовремено, топлата геотермална вода ќе се користи за системи за греење и производство на електрична енергија.

Првично, фабриката ќе служи како полигон за производство на тимот на компанијата, додека почетокот на комерцијалното производство се очекува за две и пол години.

Тогаш ќе се произведе доволно литиум хидроксид за батерии за 500.000 електрични возила. Оваа компанија има договори за купување на литиум со автомобилски гиганти како Stellantis, Volkswagen, Renault…

Фабриката во Ландау е прва со исклучиво домашно производство на литиум, со цел да се обезбеди европски синџир за снабдување со литиум за производителите на електрични возила.

„Нашата фабрика е подготвена да започне со производство. Ова не е само достигнување за Вулкан: тоа е чекор напред за Германија и Европа кон снабдувањето со литиум, кој е неопходен за да и помогне на автомобилската индустрија да преживее и да напредува во новото електрично доба. без компромиси за етичките стандарди или стандардите за одржливост“, рече Крис Морено, извршен директор на Vulcan Energy.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author