https://www.facebook.com/photo/?fbid=538344300980229&set=a.487435419404451

08.11.2023 Скопје

Според министерот за надворешни работи Бујар Османи, главните забелешки во Извештајот на Европската комисија се политичката поларизација и блокирањето на Парламентот, кој го има условено реформскиот процес на државата.

Како виновник за сето тоа, министерот ја посочи опозицијата.

„Јасно во Извештајот вели дека политичката поларизација, блокирањето на Парламентот оневозможило да се донесат голем број законски и реформски решенија, кои би ги адресирале слабостите кои евентуално ги констатирала ЕК и тоа навистина е сериозна порака до сите полтичките партии“, истакна министерот Османи.

Османи потенцираше дека тоа не е само до Владата, туку е и до оние од опозицијата кои го блокираат со години Парламентот, само заради некои „ситен партиско политички и дневен интерес и не дозволуваат да се донесат важни законски решенија“.

Одговарајќи на новинарски прашања по прес-конференцијата со заменик-помошникот генерален секретар за политички прашања и безбедносна политика на НАТО и специјален претставник на Генералниот секретар на НАТО за Кавказ и Централна Азија, Хавиер Коломина, Османи додаде и дека се разбира и евентуалните слабости, кои може да се детектираат во судството и другите институции.

„Единствен начин за секој од нас е да се бориме да ги отвориме поглавјата, бидејќи нема подобра борба против корупцијата, освен отварање на поглавјата 23 и 24“, додаде Османи.

Според Османи, секој што спречува отварање на 23 и 24, ја спречува борбата против корупцијата и секако дека е битна причината која довела до таков извештај, споредувајќи го со медицински термини.

„Ова што гледаме како детектирани слабости се симптоми на една причина, а причината е политичката поларизација, односно обидот да се стават партиските над државните интереси“, посочи Османи.

Подготвено од М.Д.

About Author