11.11.2023 Скопје
Увезениот мед го преплавува пазарот на Европската унија и ова е многу контроверзна тема меѓу пчеларите и потрошувачите. Поради ниската цена, домашните пчелари ја губат трката со конкуренцијата.
Според податоците на Европската статистичка служба „Евростат“, членките на Унијата во 2021 година увезле 173.400 тони природен мед од земји кои не се членки, во вредност од 405,9 милиони евра. Истовремено, остварен е скромен извоз од 25.500 тони со вредност од 146,6 милиони евра.
Во 2022 година продолжи растот на увозот и достигна 190.591 тони, во вредност од над половина милијарда евра, додека извозот беше 152.040 тони. Дополнително за тоа придонесува и значително пониската цена на оваа храна во земјите кои не се членки.
Соодносот на цените е таков што 1 килограм мед од Кина чини 1,3 евра, од Украина 1,9 евра, додека за исто толку во Шпанија или Франција треба да потрошите 3,8 евра. Според податоците на Европската комисија, самодоволноста на земјите од ЕУ во неговото производство е околу 60 отсто.
Главен снабдувач за ЕУ е Кина, а по неа е Украина со многу помали количини. Овие две земји учествуваат со 45 отсто од увозот. Од вкупниот број, оној од Кина учествува со 35,9 отсто, а од Украина 24,2 отсто. По нив следуваат Аргентина, Мексико, Турција, Куба, Виетнам, Бразил и други земји.
Најголеми увозници на ниво на ЕУ се Данска со 27,3 отсто или 52.034 тони. Следуваат Белгија и Полска. Кога станува збор за украинскиот, најмногу имало на германскиот пазар, 11.739 тони или 25,5 отсто, а потоа следи Полска со 10.591 тони или 23 отсто. На седумнаесетто место е Хрватска која увезла 62 тони, а потоа следи Словенија со 41 тон.
Подготвено од А.Ѓ.