23.11.2023 Скопје
Германската полиција денеска изврши претрес во домовите на околу 20 лица во врска со истрагите на екстремно десничарската организација Рајхсбургер – Граѓани на Рајхот, чии поддржувачи ја отфрлаат легитимноста на германскиот повоен Устав.
Во рациите учествувале околу 280 полицајци во осум германски сојузни покраини: Баварија, Баден-Виртемберг, Хесен, Северна Рајна-Вестфалија, Шлезвиг-Холштајн, Бранденбург, Хамбург и Долна Саксонија.
Минатиот месец полицијата изврши претрес и во куќите на другите членови на таа екстремно десничарска група, кои наводно биле поврзани со Обединетите патриоти, кои Германија ги означи како терористичка група. Тогаш беа уапсени петмина осомничени.
Повеќе од 20 лица беа уапсени во декември во врска со наводните заговори за соборување на германската влада. Меѓу обвинетите заговорници беше и член на екстремно десничарската партија Алтернатива за Германија.
Германското разузнавање проценува дека околу 23.000 луѓе ширум Германија припаѓаат на организацијата Граѓани на Рајхот.
Подготвено од А.Ѓ.