07.11.2023 Скопје
Нов скандал изби во понеделникот во Парламентот на Албанија кога обезбедувањето се обиде да спречи суспендирани пратеници да влезат во зградата.
Неколку пратеници на Демократската партија влегоа во парламентот преку прозорец откако претходно жестоко се судрија со обезбедувањето пред главната капија.
Колегите кои биле внатре ги отвориле прозорците на парламентот, по што со помош на столчиња и клима уред влегле во Собранието.
На снимката се гледа дека во последен момент чуварите успеале да ги спречат двајцата пратеници да влезат преку прозорецот.
Обезбедувањето претходно ја заклучи портата за да ги спречи пратениците од опозицијата кои беа исклучени од седниците да влезат во Собранието.
Осуммина демократски пратеници, да потсетиме, добија суспензија од 10 дена поради физички конфликт со пратеници од социјалистите на претходните седници.
Единствениот кој можеше да влезе во просториите на Собранието беше поранешниот премиер Сали Бериша, кој преку прозорец го опиша настанот како скандал бидејќи пратениците не смеат да влезат во нивните канцеларии.
Подготвено од М.Д.