kiaran nevreme

03.11.2023 Скопје

Локалните власти соопштија дека силната бура Киаран ги погоди северозападна Франција и југозападна Англија, пред да се прошири во Холандија, Белгија, Германија, Франција и Италија, при што се регистрирани најмалку седум мртви и неколку повредени.

Киаран предизвика еден смртен случај во Холандија кога дрво падна врз лице во југоисточниот град Венреј во близина на границата со Германија, соопшти полицијата.

Паѓањето дрвја повреди луѓе на неколку други места, вклучително и една жена во Хаг, соопшти полицијата. Велосипедистите беа погодени и од паѓање на гранки и дрвја.

Францускиот министер за надворешни работи Жералд Дарманин изјави дека во Франција две лица загинаа, а 15 се повредени, меѓу кои седум пожарникари. Возач на камион загинал кога удрил во паднато дрво. Во Авр, еден човек бил фатен во налет на ветер додека ги затворал ролетните на прозорецот и починал.

Околу 1,2 милиони домаќинства останаа без струја, а стотици илјади се исклучени од мрежата на мобилни телефони. Во некои региони ветерот достигна брзина и до 200 километри на час. Соборените дрвја ги блокираа патиштата и железничките пруги. Причинета е значителна материјална штета. Поради невремето откажани се стотици летови. Возовите од и до Париз, исто така, не сообраќаат, а беше погоден и превозот.

Силен ветар дуваше и во регионот на планината Харц во централна Германија во четвртокот, убивајќи една жена откако ја удрило дрво што паднало, соопштија пожарникарите во градот Гослар. 46-годишна жена од Баварија планинарела со сопругот и двете мали деца на 600 метри високата планина Рамелсберг кај Гослар кога починала. Невремето, исто така, урна далноводи и делумно затвори два автопати во планината Харц, соопштија пожарникарите.

Во централната италијанска област Тоскана, најмалку три лица ги загубија животите поради временските предупредувања во поголемиот дел од земјата. Претседателот на Тоскана, Еугенио Џиани изјави дека две лица загинале во општина Монтемурло, околу 25 километри северозападно од Фиренца, каде што се излеа реката. Трето лице загина во Росињано на брегот на Тоскана.

„Никогаш не сме забележале толкаво количество дожд за само неколку минути“, рече Џиани на платформата на социјалните мрежи X, порано Твитер, во раните утрински часови.

Дожд и силен ветер се предвидува да се движат кон јужните региони на Италија, соопшти агенцијата за цивилна заштита на земјата.

Исто така во четвртиот, Киаран од Атлантикот ги погоди Британија, Белгија и Холандија, а стотици летови беа откажани.

Голем дел од северниот германски брег беше под предупредување за невреме во четвртокот пред очекуваното пристигнување на Киаран, според Германската метеоролошка служба (DWD).

Киаран се движеше од Ла Манш кон Северното Море. Бурата особено ги загрозува крајбрежната област на Северното Море на Источна Фризија и северноморскиот остров Хелиголанд, според DWD.

На Балтичкото Море се очекува во повеќето делови да продолжи силниот ветер, но посилни налети се предвидуваат од Фленсбург до Фемарн и островот Риген.

Ветерот се очекува да слабее кон викендот, но невремето и врнежливите услови ќе се задржат.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author