13.11.2023 Скопје
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вчеравечер изјави дека може да има „потенцијален договор за ослободување на некои од заложниците кои ги држат Хамас и другите терористички групи во Газа“, по извештаите дека има се поголеми предлози за размена на заложници за палестински затвореници.
Официјален претставник на американската администрација потврди дека се разговара за потенцијален договор со кој ќе бидат ослободени околу 80-те жени и деца кои беа киднапирани, во замена за ослободување на затворените Палестинки и палестинските малолетници осудени за тероризам.
Функционерот нагласи дека договорот не е целосно објавен и дека Вашингтон ги разгледува сите опции за ослободување на заложниците.
Хамас киднапираше околу 240 луѓе за време на смртоносниот напад на јужен Израел во кој загинаа повеќе од 1.400 луѓе, главно цивили во домовите и на музички фестивал.
Хамас досега ослободи четворица цивили, додека еден заробен израелски војник беше ослободен од израелските безбедносни сили.
„Мислам дека колку помалку зборувам за тоа, толку се поголеми шансите да се случи ослободувањето“, рече Нетанјаху.
Израелскиот премиер го повтори својот став дека воениот притисок врз Хамас ги зголемува шансите за ослободување на заложниците, додека САД веруваат дека хуманитарното примирје ги зголемува шансите за ослободување на киднапираните.
„Слушаме дека претстои договор за заложниците, на овој или оној начин, но сфативме дека сето тоа е глупост. Меѓутоа, во моментот кога ја започнавме копнената операција, работите почнаа да се менуваат“, рече Нетанјаху.
Подготвено од А.Ѓ.