netanjahu premier na izrael

07.11.2023 Скопје

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека војната на земјата против палестинската милитантна група Хамас не е „локална битка“ и посочи дека ако Израел не победи, „никој нема да биде безбеден“.

„Нашата победа ќе биде ваша победа. Ако падне Блискиот Исток, Европа е следната. И никој нема да биде безбеден“, рече Нетанјаху за време на состанокот со десетици странски амбасадори во Ерусалим.

Нетанјаху зборувал за теми кои ги претставуваат основите на неговиот наратив за време на војната меѓу Израел и Хамас.

„Оската на теророт е предводена од Иран, а ја сочинуваат и Хезболах, Хамас, Хутите и нивните други слуги. Тие бараат да го вратат Блискиот Исток и светот во мрачните времиња. Тие се обидуваат да не торпедираат, да го нарушат секој напредок кон мирот“, рече тој.

Тој посочи дека Израел, откако ќе го „уништи Хамас“, на жителите на Газа ќе им понуди „вистинска иднина, полна со ветувања и надеж“.

Поради војната против Хамас и хуманитарната ситуација во Газа во последниот месец, предизвикана од израелскиот напад, многу земји ги повлекоа своите дипломатски претставници од Израел.

Денеска тоа го направи Јужноафриканската Република, поради „геноцидот под надзор на меѓународната заедница“.

Претходно и Турција го повлече на консултации својот амбасадор во Израел, поради „хуманитарната трагедија“ во Појасот Газа и одбивањето на Израел да се согласи на прекин на огнот.

Покрај тоа, по почетокот на војната меѓу Израел и палестинската милитантна група Хамас на 7 октомври, Чад, Хондурас, Чиле, Колумбија и Јордан ги отповикаа своите дипломатски пратеници.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author