aerozagaduvanje na svetot

21.11.2023 Скопје

Емисиите на јаглерод диоксид и јаглерод моноксид на најбогатиот еден процент од луѓето на планетата се еднакви на загадувањето предизвикано од пет милијарди луѓе, или две третини од населението на Земјата.

Во извештајот на организацијата „Оксфам“ се наведува дека најбогатите еден процент или 77 милиони луѓе се одговорни за дури 16 проценти од глобалното загадување од фосилни горива во 2019 година.

Таа бројка е поголема од вкупното загадување од патниот сообраќај ширум светот и директно ќе влијае на смртта на милиони луѓе до 2030 година.

Извештајот покажува огромна разлика во јаглеродниот отпечаток на супербогатите, чиј начин на живот многу придонесува за климатската криза, во споредба со сиромашната и средната класа, кои трпат најголеми последици.

„Супербогатите ја ограбуваат и ја загадуваат планетата до степен на уништување, а најсиромашните ја плаќаат најголемата цена“, вели Кјара Лигуори, виш советник во Оксфам.

Авторите на извештајот наведуваат дека на просечен поединец и на член на останатите 99 отсто од населението ќе му бидат потребни 1.500 години за да испуштат јаглерод во атмосферата онолку колку што загадуваат најбогатите милијардери за една година.

„Ова е неправедно во својата суштина“, додаде Лигуори.

Некои од клучните точки на извештајот се:

– Од 90-тите најбогатите еден процент согорувале двојно повеќе фосилни горива од најсиромашните 50 проценти.

– До 2030 година емисиите на најбогатите ќе бидат 22 пати повисоки од нивото компатибилно со Парискиот климатски договор. За споредба, емисиите на најсиромашната половина од светската популација се само една петтина од она што беше поставено во Париз.

– Најбогатите десет проценти се одговорни за половина од вкупните емисии.

Извештајот на Oксфам доаѓа две недели пред 28-от самит на ОН за климата во Дубаи, каде што светските лидери ќе се соберат за да преговараат за борбата против глобалното затоплување.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author