14.11.2023 Скопје
Во пресудата на Европскиот суд за човекови права во Стразбур се наведува дека на поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески незаконски му бил продолжуван домашниот притвор во случаите за 27 април и за „Шпански скали“.
Европскиот суд во Стразбур утврди дека случајот се однесува на две кривични постапки против Јанакиески, првата за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, а вториот за злоупотреба на службената положба, при што, тој бил лишен од слобода со одлуки на домашните судови.
„Повикувајќи се на член 5, право на слобода и безбедност, Јанакиески се жали на наводна незаконитост и самоволие, немање релевантни и доволни причини и немање брз преглед на неговото лишување од слобода. Утврдена е повреда на член 5 став 3 поради немање доволно причини за лишување од слобода на жалителот и повреда на член 5 став 4 поради недостиг на „брзо“ преиспитување на лишувањето од слобода на жалителот“, се наведува во пресудата.
Судот во Стразбур прифати и дека Јанакиески има претрпено штета поради незаконски притвори, при што одредена му е оштета.
Подготвено од М.Д.