memorijalen spomenik uchk

06.11.2023 Скопје

Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски изјави дека Општина Куманово нема издадено никаква дозвола за Меморалниот комплекс на УЧК во кумановското село Сопот.

На 4 ноември во Сопот во присуство на претседателот на ДУИ, Али Ахмети, беше отворен комплексот.

„Дали е отворен музеј или спомен обележје, си има строга постапка дефинирана според закон, како се отвора такво нешто. Во моментов немам никаква информација, ниту некој се обратил до Општина Куманово за да побара каква било озвола“, вели Димитриевски.

За пораките што ги испрати лидерот на ДУИ од отворањето на комплексот, Димитриевски вели дека не е изненаден.

„Во континуитет покажуваат екстремно самовластие како партија која повеќе од 20 години е на власт и секогаш во предизборието, игра на национална карта и со националните чувства на граѓаните“, изјави кумановскиот градоначалник.

Ахмети викендов во Сопот го отвори комплексот на УЧК. Во него се изложени фотографии на команданти на УЧК од Косово како што е основачот Адем Јашари, како и ликови од воениот конфликт во Република Северна Македонија како Исмет Јашари, но и фотографиите од „бившиот командант на ОНА“, самиот Ахмети.

„Ние избравме Албанците во Македонија да бидат државотворци, да бидат господари и да се залагаат во сопствената држава, а ова знаме денес е официјално и неприкосновено. Еве ја крвта на стотици војници, патриоти и Албанци. Албанскиот јазик е официјален и неприкосновен“, рекол меѓу другото Ахмети во своето обраќање пред присутните, по повод „одбележување на масакрот во 1944 година над 64 Албанци од Сопот“.

Меѓу музејските експонати е и знамето на „Голема Албанија“, во чии рамки се голем дел од Македонија, Србија и од Грција. Пред влезот на комплексот се наоѓа мермерна плоча со картата на „Голема Албанија“.

Подготвено од М.Д.

About Author