29.11.2023 Скопје
Алармантен пораст на случаи на пневмонија кај децата е откриен во Холандија, како одраз на сличен пораст во Кина.
Холандските здравствени експерти велат дека најчесто се работи за деца на возраст од пет до 14 години.
„Податоците покажуваат дека стапките на болеста, која може да биде опасна по живот, сега се речиси двојно повисоки од врвот забележан минатата година“, пишуваат медиумите.
Веста доаѓа додека Кина се бори со сопствениот „мистериозен“ пораст на случаи на пневмонија, при што медиумските извештаи велат дека болниците се „претрупани со болни деца“.
Снимките кои потсетуваат на сцените од најтемните денови на Ковид покажуваат здравствени работници во заштитни одела, ракавици и маски како прскаат средства за дезинфекција во училиштата, ходниците и на отворени простори.
Официјалните лица во Пекинг велат дека причината за оваа ситуација не е некој нов вирус, но тврдат дека зголемувањето е резултат на бранот сезонски болести кој е посилен од вообичаеното, бидејќи земјата се соочува со првата зима без ограничувања за коронавирусот.
Но, здравствените работници во Обединетото Кралство велат дека ќе чекаат конечен заклучок за тоа што предизвикува толку многу болести.
Холандскиот институт за истражување на здравствени услуги (НИВЕЛ) соопшти дека од август, веќе е забележан зголемен број на пациенти со пневмонија кои го посетуваат својот матичен лекар.
Пневмонијата обично е предизвикана од бактериска или вирусна инфекција, а заздравувањето обично се случува во рок од две недели. Главните симптоми се кашлица, отежнато дишење и треска.
Сепак, некои луѓе можат многу да се разболат, особено оние над 65 години, бебиња или мали деца и оние со белодробни заболувања.
Подготвено од А.Ѓ.