28.11.2023 Скопје
На социјалните мрежи се шират вознемирувачки фотографии од толпи маскирани луѓе во кинеските болници. Засега се знае дека се работи за мистериозна пневмонија која повторно ја пустоши државата.
Пекинг вели дека ниту еден нов вирус не е виновен за хаосот, а властите им рекоа на луѓето да носат маски, да одржуваат социјална дистанца и да останат дома ако не се чувствуваат добро, додека здравствените работници го припишуваат зголемувањето на случаите на грип и други вообичаени болест.
Локалните медиуми, пак, јавуваат дека здравствените установи се преполни со болни деца.
Засега, кинеското Министерство за здравство вели дека може да се справи со напливот на болеста што предизвика паника минатата недела кога за прв пат се објави веста.
Да потсетиме дека СЗО официјално побара дополнителни информации од Пекинг за овие инфекции, а Пекинг ги достави, иако „накратко и генерално“, како што беше оценето подоцна.
Сепак, некои експерти истакнуваат дека бранот на оваа болест е морничаво сличен на извештаите што се појавија непосредно пред избувнувањето на епидемијата на коронавирус, за која Кина беше обвинета дека ја прикрива.
Во новото соопштение објавено во неделата, кинеското Министерство за здравство тврди дека порастот на заболените е предизвикан од грип и други познати патогени. Ја отфрлаат можноста за нов вирус и посочуваат дека сето тоа е предизвикано од преклопување на вообичаени вируси како РСВ, грип, како и бактерии.
Министерството ги повика локалните власти да отворат повеќе клиники и да промовираат вакцинација против грип кај постарите лица и децата.
На луѓето им е препорачано да носат маски, а локалните власти се повикани да направат се што е можно за да се спречи ширењето на болеста во преполните места како што се училиштата и домовите за стари лица.
Кинеските здравствени власти велат дека зимските вируси потешко ја погодуваат нивната нација поради намалениот имунитет на населението бидејќи ова е прва зима без ограничувања поврзани со пандемијата на коронавирус.
Подготвено од А.Ѓ.