https://www.facebook.com/photo/?fbid=1860823030759814&set=a.479735413508390

24.11.2023 Скопје

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски истакна дека датумот за избори е предмет на консензус, потенцирајќи дека треба да се седне за да се финализира и прецизира работата.

„Ние ќе се бориме да дојдеме блиску или пак, зошто да не, да освоиме мнозинство во Парламентот веднаш, а тоа се 61 пратеник“, додаде тој.

Политичката партија ВМРО-ДПМНЕ предложи две опции за изборите. Едната опција е да биде 24 април првиот круг претседателски, односно 8 мај втор круг претседателски и парламентарни избори. Ова би значело почеток на кампања на 4 април или техничка влада некаде на 29 јануари. Вториот предлог беше доколку се изборите предвремени, 31 март да биде првиот круг претседателски, а 14 април втор круг претседателски и парламентарни избори, што би значело некаде на 11 март да има почеток на кампања.

Тој потенцираше дека ја препушта иницијативата на премиерот Димитар Ковачевски, ова да биде негов предлог, само да може веќе официјално да се затвори ова прашање.

Мицкоски смета дека е многу важно да има успешен претседателски круг, во кој ќе избереме претседател.

„Според мерењата на јавното мислење, оној кандидат кој ќе го предложи ВМРО-ДПМНЕ ќе биде иден претседател, но зошто да не заедно со граѓаните да направиме уште еден историски подвиг а тоа е од позиција на опозиција, политички субјект да освои 61 пратеник“, додаде Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ не откри кој ќе биде кандидат на партијата за шеф на државата и најави дека таа одлука ќе биде донесена наскоро на партиска конвенција.

За тоа дали тоа може повторно да биде професторката Гордана Силјановска Давкова, Мицкоски рече: „никогаш не вели никогаш“.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ смета и дека нема потреба од формирање предизборна техничка влада. Според него, понижувачки е партијата ДУИ која, како што наведе, е во центарот на бројни скандали да номинира премиер.

„Друга причина зошто нема потреба од техничка влада, е тоа што земја која сака да биде дел од ЕУ треба да покаже дека е зрела“, вели Мицкоски.

Подготвено од М.Д.

About Author