03.11.2023 Скопје
Македонското Министерство за надворешни работи соопшти дека во текот на вчерашниот ден, тројца државјани на Република Северна Македонија, татко и две деца, безбедно ја имаат напуштено Газа и во придружба на вршителот на работи во нашата Амбасада во Каиро, Елма Алторок, беа упатени кон египетскиот главен град, а од таму кон Република Северна Македонија.
„Со нив, преку Рафах се евакуираше и мајката на децата, која има палестинска патна исправа. Во Газа има уште двајца наши граѓани, брачен пар, кои се исто така вклучени во официјалните листи за евакуација, но нивното напуштање на Газа зависи од околностите на терен, односно безбедносната проценка кој дел од Газа е најпогоден, а со тоа и потребата за итна евакуација на странските државјани“, појаснуваат од МНР.
Преку својата дипломатска мрежа во Каиро и Тел Авив, Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија останува во постојана комуникација со надлежните институции на Египет и Израел, како и со нашите државјани до завршување на целосното евакуирање на нашите граѓани.
Подготвено од М.Д.