avramovska madikj

07.11.2023 Скопје

Заменик-министерката за правда Викторија Аврамовска-Мадиќ во врска со изјавата за притисоци на претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми, и постапувањето на Судскиот совет истакна дека ставови и одлуки на судовите нема да коментира бидејќи тоа е мешање на извршната власт во судската власт, потенцирајќи дека сите органи што се избрани од страна на Собранието, вклучувајќи го и Судскиот совет, во дејствувањето имаат свој легитимитет, интегритет и можат да дејствуваат.

Пред седницата на работната група за спроведување реформи во изборното законодавство, во врска со прашањето за дали актуелниот судски совет има кредибилитет да истражува и да се распрашува за политички притисоци, последно кај претседателката на Врховниот суд, Аврамовска-Мадиќ истакна дека може да се види дека во изминатите месеци Судскиот совет делува, носи одлуки едногласно, се придвижуваат процесите.

Претходно, претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми, во интервју изјави дека вмешувањето на политиката во судството во нашата држава е присутна појава и тоа е веќе нотирано како проблем кој ја нарушува неговата независност.

Ова претседателката Адеми го посочува говорејќи во контекст на прашањето за иницијативата за донесување на начелно правно мислење и начелен став за аболициите дадени од поранешниот претседател на државата Ѓорге Иванов, кои во јавноста беа протолкувани како обид за нивно оживување, со цел од кривичен прогон да се спасат обвинетите во случаите отворени од поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО), меѓу кои и експремиерот и поранешен лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

По оваа изјава, претседателката Адеми беше поканета на работна средба во Судскиот совет, но таа преку писмо испратено до јавноста нагласи дека нема да отиде на средбата поради претходно закажан настан.

Претседателката на Врховниот суд, во писмото, истакнува дека за политичките влијанија и притисоци во судството не се говори само во медиумските написи, туку и во релевантните меѓународни извештаи, кои ги оценуваат состојбите во судството и дека констатациите во извештаите се континуирани и крајно сериозни.

Подготвено од М.Д.

About Author