30.11.2023 Скопје
Премиерот Димитар Ковачевски на вчерашната заедничка прес-конференција со потпретседателот на ЕК и висок претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел изјави дека денеска ќе упати покана за средба до сите претседатели на парламентарните политички партии, како и до претседателот на Собранието.
„Членството во ЕУ е нашата цел и ние немаме друга алтернатива. Дали ќе бидеме таму набрзо зависи само од нас, и тоа зависи од сите нас, односно од сите политички партии и политички чинители во оваа земја кои имаат одговорност пред народот да испорачаат резултати на патот кон ЕУ, без изговори“, рече Ковачевски.
Ковачевски повика на стратешка цел, односно членството во големото европско семејство до 2030 година да се стави над секоја партиска или лична цел и во наредниот период да се реализираат сите потребни активности со цел, како што рече, натамошно димензионирање на нашиот процес во интеграција во ЕУ.
Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, истакна дека не треба да постои политичка поделеност за прашањата за Европската Унија.
„Ако сакате да одите по патот на ЕУ тогаш мора да го завршите процесот на усвојување на уставните измени и да напредувате за клучните реформи. Тоа е за сите граѓани, тоа не е нешто што ќе донесе корист за една политичка партија, туку за целиот народ, за Северна Македонија како земја“, истакна Борел.
Извесно е дека на средбата во понеделник политичките партии ќе се усогласат за избори на 8 мај односно првиот круг од претседателските избори да се одржи на 24 април, додека вториот круг од претседателските избори и парламентарните избори да се одржат на 8 мај. Согласноста за парламентарни избори во мај ја потврдија во изјави за медиумите лидерите на најголемите политички партии и коалиции во земјата.
Евроинтеграцијата, редовните претседателски и парламентарни избори, како и измените на Изборниот законик согласно препораките на ОБСЕ/ОДИХР, ќе бидат темите на лидерската средба која премиерот Димитар Ковачевски ќе ја закаже за понеделник (4 декември).
Подготвено од М.Д.