28.11.2023 Скопје
Украинското Министерство за надворешни работи соопшти дека украинскиот министер за надворешни работи Дмитри Кулеба нема да учествува на Министерскиот состанок на ОБСЕ во Скопје, потенцирајќи дека присуството на руската делегација на средбата на министерско ниво за првпат од почетокот на руската целосна инвазија на Украина само ќе ја продлабочи кризата во која Русија го воведе ОБСЕ.
„Денес, Руската Федерација ја присилува и поткопува ОБСЕ преку злоупотреба на владеењето на консензус. Со прибегнување кон уцени и отворени закани, Руската Федерација систематски го блокираше консензусот за клучните прашања. Блокирањето на кандидатурата на Естонија за претседавање со ОБСЕ во 2024 година стана уште еден пример за злоупотреба на Русија. Понатаму, Русија незаконски приведе тројца украински претставници на ОБСЕ кои се во притвор повеќе од 500 дена. Русија создаде егзистенцијална криза во рамките на ОБСЕ и ја претвори Организацијата во заложник на нејзините каприци и агресија“, пишува во соопштението од украинското Министерство за надворешни работи.
Истовремено, оттаму се осврнуваат на нивните напори „како да се спаси ОБСЕ од Русија“.
„Нашите заеднички напори треба да ги насочиме кон тоа како да го спасиме ОБСЕ од Русија, а не да испраќаме пораки за можноста за враќање на формите на соработка кои постоеја пред февруари 2022 година на државата која ја спроведе најголемата вооружена агресија во Европа од крајот на Втората светска војна и грубо ги прекрши сите принципи на завршниот акт на Хелсинки“, додаваат од Министерството.
Сепак, велат дека иако нема да учествуваат на министерско ниво, остануваат посветени на принципите на ОБСЕ.
Подготвено од М.Д.