22.11.2023 Скопје
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски и Генералниот секртар на НАТО, Јенс Столтенберг, во рамки на официјалната посета на Северна Македонија, одржаа заедничка прес-конференција.
На прес-конференцијата беше потенцирана улогата на Северна Македонија како фактор на стабилност во регионот, но и беше посочено дека евроинтеграција на земјата мора да продолжи.
Премиерот Ковачевски истакна дека на средбата е разговарано за Алијансата, за евро-атланската интеграција на земјата и на регионот, но и за светската безбедност и мир, како и за најзначајните случувања кои се случуваат во нашиот регион, во Украина и во појасот Газа.
„Како една од помладите членки, се посветивме сериозно и ја достигнавме најбрзата воена интеграција од било која претходна земја членка која се придружила на Алијансата. Изминатава година особен фокус ставивме на нашето јакнење во справувањето со хибридните закани и сајбер одбраната, за што морам да се заблагодарам на МО и на МВР кои што во соработка со НАТО ја имаат целосната поддршка од нашите сојузници во овие големи предизвици кои ги имавме на почетокот на годината“, посочи Ковачевски.
„За некој месец ги достигнуваме и зацртаните 2% од БДП кои ги одлучивме на годишнешниот Самит во Вилнус, каде воедно и го договоривме и најробусниот план за одбрана на НАТО. Продолжуваме и со нашиот придонес во мисиите на НАТО во Косово и во Ирак и во борбените групи на НАТО во Летонија, Романија и Бугарија“, додаде тој.
Премиерот истакна и дека стабилноста на регионот е исклучително и суштински важна и тоа повеќе од кога било досега и затоа како приоритет на државата е евро-атланската интеграција.
Подготвено од М.Д.