20.11.2023 Скопје
Премиерот Димитар Ковачевски смета дека во мај догодина ќе има доволно простор за одржување на претседателските и парламентарните избори во нивните редовни термини.
„СДСМ и ДУИ имаат јасен коалициски договор од 2020 година, додека за Алијанса за Албанците (АА), која е дел од актуелната владина коалиција има капацитет да разговара за економски просперитетна и модерна држава со социјална правда, демократија, слобода на медиумите и владеење на правото“, истакна премиерот Ковачевски.
Ковачевски смета дека во мај догодина ќе има доволно простор за одржување на претседателските и парламентарните избори во нивните редовни термини. Воедно, додаде дека финалните ставови по однос на ова прашање ќе бидат објавени кога парламентарните политички партии ќе постигнат поширок консензус.
Кога се прават коалиции, рече Ковачевски, не се работи за убедување, туку за следење на заеднички вредности.
„Сметам дека Алијанса го има тој капацитет, да разговара на такви теми и мислам дека на таа основа може да се водат разговори во однос на идните коалиции и настапи на изборите, но да оставиме да се водат разговори и официјалните партиски тела да носат одлуки во тој дел. Со ДУИ имаме јасен коалициски договор објавен во 2020 година, секако дека за модалитетите со нив се разговара, но целта за остварување европска коалиција која ќе предводи широк фронт е клучната работа што ќе ги обедини партиите на следните избори“, додаде Ковачевски.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ изминатиот период интензивно повикува на одржување заеднички претседателски и парламентарни избори во мај идната година. На ставот дека двата изборни циклуса треба да се одржат заедно е и лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари.
Подготвено од М.Д.