premierot kovachevski mkd

22.11.2023 Скопје

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, пред официјалниот почеток на неформалниот состанок на лидери на НАТО сојузници од регионот, во изјава за медиумите, посочи дека одржувањето на овој состанок токму во Скопје, е уште една потврда дека Северна Македонија е ценет партнер во НАТО и фактор на стабилност во регионот.

„Драго ми е што Северна Македонија денес е домаќин на неформалниот состанок на лидери на земјите членки на НАТО од регионот, на којшто уште еднаш се потврдува нашата улога како фактор на безбедност во регионот, меѓутоа и како земја членка на НАТО којашто е една од членките која целосно и посветено се насочени кон исполнување на своите обврски како дел од НАТО Алијансата“, рече Ковачевски.

Премиерот Ковачевски изјави дека на денешниот неформален состанок со лидерите на НАТО сојузници од регионот, ќе разговараат за актуелни прашања за нашиот регион и нашата посветеност, како Алијанса, кон неговата стабилност и безбедност, како и за други важни прашања од интерес на Алијансата.

„На денешниот состанок ќе разговараме за регионалните безбедносни прашања, но секако дека ќе разговараме и за клучните теми во однос на војната во Украина, конфликтот кој се води во појасот Газа како и за сите други прашања кои се однесуваат на градење на долгорочен мир, безбедност и стабилност во нашиот регион, меѓутоа и во Европа и во Светот. Благодарност уште еднаш до генералниот секретар“, додаде Ковачевски.

Подготвено од М.Д.

About Author