30.11.2023 Скопје
Во своето обраќање на 30-от министерски совет на Организацијата за безбедност и соработка во Европа, ОБСЕ, премиерот Димитар Ковачевски изјави дека овој настан е кулминација на македонското претседавање со ОБСЕ, кое и во редовни околности не е лесен ангажмна, но кога во декември 2020 година со консензус „ни беше доделена честа да управуваме со најголемата регионална и безбедносна организација, тешко кој можеше да предвиди дека пред нас ќе имаме вакви турбуленции и предизвици во регионот на ОБСЕ и пошироко, како во поглед на тешкиот геополитички контекст и ескалацијата на безбедносните предизвици, така и во однос на функционалноста и иднината на самата Организација“.
Ковачевски истакна дека визијата на ОБСЕ како платформа за кооперативна и сеопфатна безбедност, беше сериозно тестирана во реалноста, а најмногу директно почувствувана од украинските граѓани.
„Воената агресија на Руската Федерација против Украина продолжи со несмален интензитет и разорувачки последици, потврдувајќи ја својата неоправданост и неправедност“, додаде Ковачевски.
Премиерот истакна и дека секој изминат ден и изгубени животи, „се сурова потврда на оцената дека воеаната агресија претставува акт на флагрантно кршење на Повелбата на Обединетите нации, принципите и заложбите на ОБСЕ, како и основните премиси на меѓународното право, но пред сè на вредностите на хуманоста“.
Ковачевски истакна дека народот на Украина заслужува мир, и оти постигнувањето праведен и одржлив мир останува императив.
Премиерот истакна дека во рамки на нашето претседавање должно внимание се даваше и на сите замрзнати конфликти и регионални нестабилности низ ОБСЕ регионот, како процесот за решавање на Транснистрија, ситуацијата во Јужен Кавказ и кризата во Нагорно Карабах, тензиите на северот на Косово.
Република Северна Македонија, додаде тој, како силен поддржувач на мултилатерализмот и директен корисник на улогата на ОБСЕ при спроведувањето на демократски реформи и унапредување на состојбите во разни области, е цврсто уверена дека оваа Организација е способна да направи разлика на терен, а тоа, рече, може да се потврди и преку пример од македонското општество, каде демократскиот изборен процес неминовно е поврзан со набљудувачките мисии на ОБСЕ/ОДИХР.
Тој потсети дека земјава, иако не беше директно дел од војните што уследија по распадот на Југославија, сепак во декадите по независноста беше соочена со голем број предизвици како на домашен, така и на надворешно-политички план.
„Низ еден процес на созревање, го чекореше долгиот и не секогаш рамен пат на меѓународно етаблирање и зачленување во различни мултилатерални организации. Тоа понекогаш подразбираше тешки, компромисни одлуки, но вистинското лидерството подразбира континуирано барање решенија и прогрес. Така, од корисник на безбедносни и превентивни мировни мисии, денес Северна Македонија е препознаена како фактор на стабилност и активно придонесува за безбедноста во регионот и пошироко“, истакна премиерот.
Имајќи го предвид сето ова, нагласи тој, признанието што токму ние денес сме домаќини на министерскиот совет на ОБСЕ, е дотолку позначајно.
„Истовремено, тука е и желбата да возвратиме на Организацијата, која и со својата теренска мисија од 1992 година до денес, дава свој придонес во напредокот на нашето вибрантно, инклузивно и разнолико, демократско општество. Се надевам дека се евидентни нашите чесни напори за силно, проактивно, ангажирано и компетентно раководење со ОБСЕ, водени од стремежот да дадеме свој карактеристичен и препознатлив придонес во процесите на остварување на поголема стабилност на поширок план. И натаму истрајуваме на нашата основна определба што е единствен пат напред – да се поттикне инклузивен, суштински и отворен дијалог, заснован на основните принципи на мултилатерализмот и во срцето на нашата организација“, додаде тој.
„Сите ние во ОБСЕ имаме потреба од мир, стабилност, обновена доверба и соработка, историјата ќе не суди по нашите дела“, заклучи премиерот Ковачевски во своето обраќање.
Подготвено од М.Д.