stanoviii

01.11.2023 Скопје

За да купите пристоен стан од 80 квадрати во Германија, треба да заработувате 8.000 евра месечно – нето. Ниту изнајмувањето станови веќе не е евтино. Секоја година киријата се зголемува во речиси сите германски градови. Кога ќе дојдат подобри времиња на германскиот пазар на недвижности?

Не се гледа крајот на недостигот на станови во Германија. Состојбата се влошува особено во урбаните средини. Во Берлин, на пример, секоја година се градат околу 13.000 нови станови, додека во исто време годишно се вселуваат околу 65.000 луѓе.

Но, за повеќето луѓе изнајмувањето или дури и купувањето стан е само сон за кој веќе не веруваат дека ќе се оствари по бројните неуспешни пребарувања за стан.

Покрај недостигот на понуда, голема улога играат зголемените цени и особено високите каматни стапки: за многу станбени заедници, инвестирањето во станбена изградба или повеќе не е во буџетскиот план или кириите би морале да се зголемат до тој степен што нормално домаќинството повеќе не може да си го дозволи.

Прашањата како што се сиромаштијата во староста, проблемите на младите семејства или пречките за имиграција на квалификувани работници се конкретни последици од овој проблем.

Ситуацијата во руралните области е поинаква отколку во Берлин или другите големи градови. Овде, сопствениците известуваат дека не можат да најдат станари за најдобрите станови – на пример во баварската област – иако, за разлика од Берлин, инфраструктурата е одлична.

„Со сегашните цени на недвижностите и каматните стапки, некој што сака да купи стан од 80 квадрати во голем град треба да заработува од 8.000 до 10.000 евра нето месечно. Тоа никој не може да си го дозволи“, изјави генералниот директор на Главната асоцијација на германската градежна индустрија.

Бројките се загрижувачки: во станбената изградба, нарачките веќе се намалени за 23,8 отсто реално во август 2022 година, а повторно паднале за 6,5 отсто во август годинава, покажуваат податоците објавени од Институтот за градежна статистика.

Во првите осум месеци од годинава, продажбата во градежништвото е реално помала за 4,0 отсто во однос на истиот период лани, а во станбената изградба за дури 10,8 отсто. Нема подобрување на повидок.

„Состојбата на пазарот на недвижности се влошува. Градежните проекти мора да бидат одобрени пред да се добијат нарачки, а бројот на одобренија опаѓа со месеци. Во наредната година многу ќе се пропушти политичката цел од 400.000 нови станови, а веројатно нема да се изградат ниту 200.000 станови“, смета генералниот директор.

Тој го критикува непостапувањето на државната власт и ја обвинува за поставување погрешни приоритети: „Не разбирам како државата може да троши пари на толку многу работи, а има закана од неуспех во изградбата на станови. Ова може да доведе до сериозна социјална криза – ако основното право на домување повеќе не може да се гарантира“.

Според него, доколку се има волја, следната година би можеле да се изградат десетици илјади станови, а во тој случај кириите наместо 20 евра за метар квадратен би можеле да изнесуваат 10 или 12 евра.

Тој гледа потреба од политичко дејствување, бидејќи компаниите се откажаа од изградба на станови поради немањето економска перспектива: „Градежната индустрија не оди лошо, но изградбата на станови не е успешна. Ако не се градат станови, тогаш градежните компании и претприемачите одат во други области како реновирање или инфраструктура. Има доволно работа“.

Заводот за статистика објави значително зголемување на нарачките за целата градежна индустрија: во август пристигнатите нарачки се за 10,8 отсто повисоки од нивото од претходниот месец, а во однос на претходната година се зголемени за цели 17,5 отсто во реални услови.

„Овој позитивен развој на дојдовните нарачки е добар, но може да се препише на проекти за изградба на железница. Ова е охрабрувачки за железничките градежни компании, но не може и не смее да го прикрие фактот дека дојдовните нарачки во станбената изградба се уште опаѓаат“, објасни експертот.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author