genocid

04.11.2023 Скопје

Терминот геноцид првпат бил употребен за време на ужасите на холокаустот во Втората светска војна. Се однесува на обидот да се искорени нација или одредена група на луѓе.

Во 1943 година, полско-еврејскиот адвокат Рафаел Лемкин го смислил тоа име за систематското убивање на Евреите во нацистичка Германија. Лемкин ги загуби сите членови на неговото семејство во холокаустот, освен неговиот брат. Тој водеше кампања за признавање на геноцидот како кривично дело според меѓународното право, отворајќи го патот за усвојување на Конвенцијата на Обединетите нации за геноцид во 1948 година, која стапи на сила во 1951 година.

Членот 2 од Конвенцијата го дефинира геноцидот како акт „извршен со намера да се уништи, целосно или делумно, национална, етничка, расна или религиозна група како таква“. Според дефиницијата на Обединетите нации, таквите злосторства вклучуваат: убивање луѓе, нанесување физички или психички повреди, влошување на условите за живот до опасно по живот ниво, спречување на раѓање деца и насилно отстранување на децата од нивните родители од таа група.

Конвенцијата на ОН за геноцид наведува дека секој може да биде кривично гонет и казнет за геноцид, вклучително и избраните владини функционери. Меѓународниот кривичен суд за воени злосторства има мандат да истражува и гони геноцид, воени злосторства и злосторства против човештвото. Според статутот на тој суд, секој што ќе изврши, ќе нареди, ќе учествува или ќе поттикне геноцид може да биде кривично гонет.

Постои и Меѓународниот суд на правдата во Хаг, кој се занимава со меѓудржавни спорови и може да одлучи дали државите се одговорни за геноцид.

„Во секојдневниот живот, многу луѓе послободно го користат терминот геноцид за најголемите и најтешките злосторства, бидејќи тој звучи многу посилно од терминот воени злосторства или злосторства против човештвото“, истакна Валери Габард, експерт за меѓународно право во Хаг и ко-основач на правниот консултант UpRights.

„Во правен контекст, сепак, дефиницијата е многу тесна. Утврдувањето на геноцидот не се одразува во бројот на убиените. Најважен критериум е намерата за физичко истребување и уништување на групата“, додаде таа.

Експертите истакнуваат дека е тешко да се докаже оваа намера, бидејќи често недостасуваат директни докази.

„Проблемот со докажувањето на геноцидната намера е што сторителите веројатно нема да го признаат директно на суд“, објаснува Вилијам Шабас, професор по меѓународно право на Универзитетот Мидлсекс во Лондон и Универзитетот Лајден во Холандија.

„Судовите мора да заклучат дека имало геноцидна намера од однесувањето на сторителите. Тие мора да се потпрат на посредни докази и тоа мора да биде несомнено. Ова е моментот кога геноцидот станува тежок за докажување“, додаде Шабас.

Валери Габард работеше во меѓународните кривични трибунали за Камбоџа, Руанда и поранешна Југославија. Таа истакнува дека гонењето на геноцидот може да потрае: „Кога станува збор за геноцид, секогаш има многу жртви и потребно е долго време да се истражат злосторствата. Не треба само да докажуваме намера да убиеме, туку намера да убиеме луѓе затоа што припаѓаат на одредена група“.

Во последниве години, политичарите често го користеа терминот геноцид за да ги опишат кршењата на човековите права во Кина, Мјанмар, Сирија и сега во Украина. По злосторствата извршени од руските војници во Украина, во 2022 година американскиот претседател Џо Бајден го обвини рускиот претседател Владимир Путин за геноцид.

Една година претходно, владите на САД, Канада и Холандија ја обвинија Кина за геноцид врз Ујгурите во Ксинџијанг. Неколку други земји донесоа парламентарни резолуции со исти обвинувања.

Експертите потсетуваат на три геноциди кои Меѓународниот суд за воени злосторства ги призна како такви: Руанда, каде што беа убиени околу 800.000 Тутси и умерени Хути во геноцидот во 1994 година, масакрот во Сребреница во 1995 година, што е Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија прогласен за геноцид и злосторства извршени од страна на Црвените Кмери во Камбоџа во 1970-тите. Имајќи предвид дека Црвените Кмери убиле многу од нивните жртви поради нивниот политички или социјален статус, не постои консензус за тоа дали злосторствата во Камбоџа, како што се дефинирани од ОН, се всушност геноцид.

Во 2010 година, Меѓународниот кривичен суд издаде налог за апсење на суданскиот претседател Омар ал-Башир, обвинувајќи го за воена кампања против жителите на регионот Дарфур.

„Правната дефиниција за геноцид се применува во случаите пред Меѓународниот суд за воени злосторства и во пресудите на Трибуналот во Руанда. Постојниот закон многу јасно покажува што е геноцид“, нагласува Шабас.

Но, има и обиди да се користи терминот геноцид за настани кои не ја исполнуваат правната дефиниција за геноцид, било да се Ујгурите во Кина или војната во Украина.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author