izrael erusalim 2

01.11.2023 Скопје

Кинеските технолошки компании „Алибаба“ и „Баиду“ го отстранија името Израел од своите карти, иако тие сè уште ги прикажуваат неговите меѓународно признати граници, палестинските територии и клучните градови, како и имињата на блиските земји како Кипар, Јордан и Ирак.

Иако корисниците не се сигурни дали ова е нешто ново, дискусијата беше поттикната по нападот на Хамас на 7 октомври во кој загинаа повеќе од 1.400 Израелци. Портпаролот на Baidu, Џинг Менг, негираше дека Израел намерно бил изоставен од мапите објавени на платформата.

„Во ограничени области, нашите мапи може да не ги прикажуваат имињата или знамињата на некои територии. Корисниците можат да најдат одредена земја или област со пребарување на мапите на Baidu“, изјави Џинг Менг.

Кина се залага за решение со две држави што ќе овозможи независна палестинска држава. Во неделите по избувнувањето на војната, Си го продолжи тој став повикувајќи на итен прекин на огнот и хуманитарна поддршка за палестинскиот народ. Пекинг одби да го осуди Хамас, но рече дека е против сите форми на напади врз цивили.

Ванг Ји, кинескиот министер за надворешни работи, во телефонски разговор минатата недела на советникот на бразилскиот претседател му рече дека суштината е дека правдата не е задоволена за палестинскиот народ.

„Овој конфликт уште еднаш трагично докажа дека патот за решавање на палестинското прашање лежи во продолжување на вистинските мировни преговори што е можно поскоро и остварување на легитимните права на палестинскиот народ“, рече Ванг.

Во меѓувреме, претставникот на Кина за Блискиот Исток, Каи Џун, им рече на палестинските и египетските власти дека земјата нема себични интереси за палестинското прашање, туку секогаш се залага за мир, правичност и правда.

Подготвено од М.Д.

About Author