06.11.2023 Скопје
Кина, која го презеде претседавањето со Советот за безбедност на ОН, ќе направи се што може за да го врати мирот на палестинските територии.
Нејзиното Министерство за надворешни работи го објави ова додека тензиите на Блискиот Исток ескалираа.
„Кина ќе направи се за да го повика Советот за безбедност да ги исполни своите одговорности, да ја одигра својата улога, да изгради консензус и да преземе одговорни и значајни активности што е можно поскоро за да се ублажи актуелната криза, да се гарантира безбедноста на цивилите и да се врати мирот“, изјави портпаролот на министерството Ванг Венбин на редовната прес-конференција.
Изјавата на Кина доаѓа откако Израел ја засилува својата воена офанзива против палестинската исламистичка група Хамас. Кина минатата недела го презеде ротирачкото претседателство со Советот за безбедност на ОН.
Конфликтот на Блискиот Исток е на врвот на агендата на Советот за безбедност во ноември, изјави Џанг Јун, постојан претставник на Кина во ОН.
„Императив е да се промовира прекин на огнот и да се запрат борбите, да се спречат дополнителни цивилни жртви, да се спречи хуманитарна катастрофа од поголеми размери и да се спречи ширењето на конфликтот“, рече Џанг.
Специјалниот претставник на Кина за Блискиот Исток, Џаи Јун, штотуку ја заврши турнејата низ регионот.
Џаи, кој се сретна со лидерите на неколку земји во врска со кризата, ја припиша причината за кризата меѓу Израел и Газа на недостатокот на гаранции за правата на Палестинците.
Подготвено од А.Ѓ.