23.11.2023 Скопје
Во Европскиот парламент во Стразбур, на седница на која гостин беше бугарскиот премиер Николај Денков, бугарски европратеници од десничарската провиниенција влегоа во вербален судир со пратеници на либералите и Зелените поради блокадата на Република Северна Македонија во ЕУ.
Европратеникот Ангел Џамбаски од ВМРО најпрво му има упатено забелешка на претседавачот на либералната групација во Европскиот парламент „Обнова на Европа“ дека нема кажано ништо „за репресијата и насилството врз Бугарите во Република Северна Македонија, како и за негирањето на правото на самоопределување“.
Џамбаски порача: „Во вашата групација има луѓе кои се преправаат дека не го гледаат насилството против Бугарите во Република Северна Македонија. Објаснете им го“.
Додека пак, Рајнхард Бутикофер, пратеник на Зелените од Германија, му порача на Денков дека во обраќањето „ниту еднат не го има спомнато името Северна Македонија, земја чиј влез во ЕУ досега беше блокиран од Бугарија“.
Пратеникот на Зелените од Германија, Рајнхард Бутикофер, го праша бугарскиот премиер Денков: „Може ли некој да ги спори искрените европски аспирации на Северна Македонија, која дури си го смени и името за да ги отвори вратите на Европа? По говорот на омраза од господинот Џамбаски, би сакал да ве прашам господине премиере што ќе сторите за да ја отворите вратата за Северна Македонија?“.
Андреј Слабаков, бугарски европратеник од ВМРО, на Бутикофер му порача да не зборува за говор на омраза, туку да дознае што се случува во Република Северна Македонија.
Бугарскиот премиер Денков, пак, кажа дека не прифаќа критики кон Бугарија и додаде дека нема други барања надвор од францускиот предлог.
„За жал, низ годините нашите односи се влошија, и не мислам дека Бугарија е виновна за тоа. Затоа, сакам јасно да кажам дека во моментов Бугарија нема никакви други барања кон Северна Македонија, освен оние наведени во одлуката на ЕУ од минатата година. Денес нема односи меѓу Бугарија и Северна Македонија, има односи меѓу Северна Македонија и ЕУ. Тие мора да се исполнат од Северна Македонија за да се отвори преговарачкиот процес“, рече Денков.
Подготвено од М.Д.