Image by master1305 on Freepik

17.11.2023 Скопје

Ју Еуи-донг, шеф на владејачката Партија на народна моќ, изјави дека Јужна Кореја сака да ја забрани употребата на кучешкото месо во храната за да стави крај на контроверзноста околу древниот обичај, и поради зголемената свест за правата на животните.

Корејската практика на јадење кучешко месо наиде на критики во странство за нејзината суровост, но бројот на критичарите расте во Јужна Кореја, особено кај помладите генерации.

„Време е да се стави крај на социјалните конфликти и контроверзи околу консумирањето кучешко месо и преку посебен акт да се стави крај на тоа“, рече Ју Еуи-донг, на состанокот со владини претставници и активисти за правата на животните.

Тој рече дека владата и неговата владејачка партија треба да воведат закон оваа година за спроведување на забраната, додавајќи дека со очекувана двопартиска поддршка, законот треба да помине низ парламентот.

Јужнокорејскиот министер за земјоделство Чунг Хванг-Кеун на состанокот рече дека владата брзо ќе ја спроведе забраната и ќе обезбеди максимална поддршка за оние кои работат во индустријата за кучешко месо. Предложената забрана ќе вклучува тригодишен грејс-период и финансиска поддршка за бизнисите.

Претходните нацрт-закони против употребата на кучешко месо во храната не поминаа поради протестите на вработените во индустријата, како и поради загриженоста за егзистенцијата на фармерите и сопствениците на ресторани. Најавената забрана беше поздравена од здруженијата за заштита на животните.

„Ова е остварување на сонот за сите нас кои се боревме да ставиме крај на оваа суровост“, се вели во соопштението на Humane Society International.

Првата дама Ким Кеон-хи беше портпарол на критичарите за јадење кучешко месо, а заедно со нејзиниот сопруг, јужнокорејскиот претседател Џун Сук-џеол, посвои кучиња скитници.

Јадењето кучешко месо било древна практика на Корејскиот полуостров и се смета за начин да се победи летната жештина. Но, денес е многу поретко, иако сè уште го јадат некои постари луѓе и го служат во одредени ресторани. Според владините податоци, во Јужна Кореја има 1.150 фарми за кучиња, 34 кланици, 219 дистрибутивни компании и околу 1.600 ресторани кои служат кучешко месо.

Анкетата на Галуп спроведена минатата година во Јужна Кореја покажа дека 64 отсто од испитаниците се против употребата на кучешко месо, додека само 8 отсто од испитаниците изјавиле дека консумирале кучешко месо во изминатата година, 27 отсто помалку отколку во 2015 година.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author