deca vo gaza

23.11.2023 Скопје

Денеска е 48-ми ден од конфликтот меѓу израелската армија и Хамас. Израелската влада и Хамас постигнаа договор во текот на вчерашниот ден за четиридневен прекин на огнот во Појасот Газа.

Според договореното, Хамас ќе ослободи 50 израелски заложници во замена за 150 палестински затвореници во текот на четирите дена од прекинот на огнот.

Исто така, Израел ќе дозволи неколку стотици камиони со хуманитарна помош да влезат во Појасот Газа.

Иако Хамас најави дека прекинот на огнот ќе започне денеска во 10 часот, претседателот на израелскиот Совет за национална безбедност, Цачи Ханегби, вели дека првите заложници нема да бидат ослободени пред петок.

„И покрај договорот, војната продолжува додека Израел не ги исполни своите цели и не постигне победа“, нагласи израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

Нетанјаху, исто така, објави дека договорот дефинирал дека на Црвениот крст ќе му биде дозволено да ги посети и да им пружи медицинска помош на заложниците кои остануваат во Појасот Газа.

Хамас најави дека примирјето ќе стапи на сила денеска, но Ханегби рече дека првите заложници нема да бидат ослободени до петок.

Како што објавија израелските медиуми, доцнењето дошло поради тоа што Хамас не доставил список на израелски граѓани што има намера да ги објави.

Шефот на израелската разузнавачка агенција Мосад, Дејвид Барнеа, во средата отпатува за Доха, каде што разговарал за последните детали од договорот со премиерот на Катар, посредникот на договорот, шеикот Мохамед бин Абдулрахман ал Тани.

Портпаролот на израелските одбранбени сили (ИДФ) Даниел Хагари изјави дека координирањето на враќањето на заложниците од Газа не е лесна задача, но дека израелската армија е подготвена.

ИДФ, исто така, соопшти дека, наводно, биле пронајдени дополнителни докази за комплекс од тунели и бункери на Хамас под болницата Шифа во северниот дел на Газа.

Извршниот директор на Фондот за деца на Обединетите нации (УНИЦЕФ), Кетрин Расел, го поздрави договорот за ослободување на заложниците и привремениот прекин на огнот, но рече дека „треба да се направи уште многу“, бидејќи, како што вели, појасот Газа моментално е најопасното место во светот за децата.

Хамас објави дека од почетокот на војната во Појасот Газа загинале 14.532 лица, додека бројот на загинати израелски војници во копнена офанзива, според израелските податоци, достигна 70.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author