gaza vojna 1

22.11.2023 Скопје

Израелскиот кабинет денеска официјално ја објави одлуката за прекин на огнот со Хамас, наведувајќи дека прекинот на огнот ќе биде ограничен на 10 дена од првото ослободување на заложниците.

Во соопштението се наведува дека договорот ќе овозможи ослободување на приближно 50 заложници, од приближно 240 киднапирани лица за време на терористичкиот напад на Хамас на 7 октомври.

Одлуката на израелската влада дава рамка за договорот, кој вклучува три анекси: препорака од советникот за национална безбедност Тачи Ханегби, доверлив документ презентиран во кабинетот, но не ослободен, и список од 300 палестински затвореници кои се подобни за ослободување според договорот.

Според одлуката, сите 300 палестински затвореници ќе бидат ослободени само под услов 100 живи заложници, израелски државјани или жители на Израел, да бидат ослободени од Газа и вратени во Израел.

Во првата фаза, Израел ќе ослободи 150 палестински затвореници кога 50 заложници ќе бидат вратени во Израел.

Оваа прва фаза ќе се одвива во четири чекори, а најмалку 10 заложници ќе бидат ослободени последователно.

Во втората фаза, Израел ќе ослободи дополнителни 150 палестински затвореници под услов 50 дополнителни заложници да бидат вратени во Израел, по истата динамика како и во првата фаза.

На договорот меѓу Хамас и Израел реагираше и Обединетото Кралство, чиј министер за надворешни работи го оцени како „клучен чекор“ и ги повика сите страни да го исполнат договорот во целост.

Катарскиот премиер им се заблагодари на САД и Египет што му помогнале на Катар да постигне договор за прекин на огнот и ослободување на заложниците од Газа.

Мохамед бин Абдулрахман бин Џасим Ал Тани рече дека се надева оти договорот ќе помогне да се воспостави „сеопфатен и одржлив договор“ кој „ќе стави крај на војната и крвопролевањето“.

Премиерот, исто така, рече дека се надева оти договорот „ќе доведе до сериозни разговори за сеопфатен и праведен мировен процес“.

Тројца Американци, меѓу кои и едно тригодишно девојче, се очекува да бидат меѓу 50-те заложници што Хамас ќе ги ослободи според договорот постигнат со Израел, изјави денеска висок американски претставник.

Тој не ги наведе имињата на американските државјани, но рече дека родителите на девојчето се меѓу убиените во нападот на 7 октомври во Израел.

Русија, Европската унија и Австралија го поздравија постигнатиот договор меѓу Израел и Хамас за четиридневен прекин на огнот и ослободување на најмалку 50 заложници од Газа.

И Франција го коментираше договорот, велејќи дека се надева дека француските граѓани ќе бидат во првата транша од заложниците кои треба да бидат ослободени.

И палестинскиот претседател Махмуд Абас го поздрави договорот меѓу Израел и Хамас за примирје и ослободување на заложниците и повика на „целосен прекин на израелската агресија“.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author