02.11.2023 Скопје
Откако претходниот ден во судирите со Хамас беа убиени 15 израелски војници, началникот на Генералштабот на израелските одбранбени сили, Херзи Халеви, изјави дека цената платена во војната против Хамас е тешка и болна, но неопходна.
„Ние сме во средина на војна. Тоа ќе биде долга војна и ќе ја водиме до крај. Ние сме проактивни и се бориме со непријателот на нивна територија, ги удираме токму на местата каде што тие работеа за нивните планови и токму во областите од каде доаѓаа терористите“, рече Халеви во своето обраќање пред војниците на ИДФ.
Тој посочи дека ИДФ етапно напредува и дека дејствува на територијата на непријателот.
„Досега нанесовме големи загуби на непријателот и ја оштетивме терористичката инфраструктура. Ги бараме, ги наоѓаме и ги убиваме оние кои учествуваа во убиствениот масакр врз нас и оние кои ги испратија“, рече тој.
Подготвено од А.Ѓ.