15.11.2023 Скопје
Судскиот совет избра осум судии за Апелацискиот суд Скопје, по четворица од кривичната и од граѓанската област.
Нови апелациски судии од кривичната област се судиите Габриела Гајдова, Александра Ристевска, Весна Димишкова и Осман Шабани, а од граѓанската област се Александар Шопов, Ирена Костадиновска Ангелова, Наталија Донева и Илир Сулејмани.
Куриозитет на овој избор е што не беа изгласани прворангираните судии на ранг-листата што ја утврдила комисија од Судскиот совет, Лазар Нанев за кривичната област и Елизабета Настов за граѓанската област, а не беа избрани и други високорангирани кандидати, кои беа одбивани или заради немање на доволно искуство или затоа што наскоро ќе се пензионираат, па така, како четври судија што го избраа за кривичната област, судијата Шабани беше дури 13-ти на конечната ранг-листа.
Втор куриозитет е што заради Бадентерово мнозинство не беше унапредена судијката Оља Ристовска која доби 8 гласа „за“ што се доволни за избор, ама доби само два „за“, а три „против“ на гласањето според Бадентеровиот принцип.
За процесот на рангирање членовите на Судскиот совет истакнаа дека ќе бараат да се промени новиот Правилник за избор на судии во повисок суд, според кој вчера за прв пат се вршеше избор, затоа што на кандидатите високо им се вреднува пишувањето на научни трудови и познавањето на странски јазици за што добиваат високи поени и значително отскокнуваат на ранг-листата од судиите кои не се во академската фела, ама секако се ефикасни, непристасни и имаат и други квалитативни и квантитативни позитивни карактеристики што се битни за унапредување.
Пред изборот, Судскиот совет извести дека судијата Ацо Тасев ја повлекол кандидатурата затоа што беше избран за претседател на Основниот суд Штип и Бесник Авдија кој беше избран за претседател на Граѓанскиот суд Скопје.
Огласот за овој избор е распишан пред две години. Комисијата на Судскиот совет предводена од Селим Адеми за сите кандидати собрала податоци од Академијата за судии, од претседателите на судовите каде работат кандидатите, а извршила и увид во две пресуди по случаен избор за секој од 97 кандидати што се пријавиле, со цел, како што беше истакнато, да се изврши објективен и транспарентен избор со кој ќе се придонесе за враќање на довербата на граѓаните во правосудството.
Тројца од избраните судии од граѓанска област доаѓаат од Основниот граѓански суд во Скопје, Ирена Костадиновска Ангелова, Наталија Донева и Илир Сулејмани, кој во два мандата, осум години бил и претседател на овој суд, кој е најголем во државата, а Александар Шопов доаѓа од Основниот суд Велес.
Прворангираната за граѓанскиот оддел Елизабета Настов не ја доби поддршката, односно за неа шестмина гласаа „за“ и исто толку „против“.
Следен на ранг-листата беше Александар Шопов, за чиј интегритет членовите на Судски совет имаа само пофални зборови и го избраа со осум гласа „за“ и четири „против“.
Сите 12 гласа „за“ ги доби треторангираниот кандидат Ирена Костадинова-Ангелова, а со 10 гласа беше избрана четврторангираната Наталија Донева.
Како четврти судија за Апелација во граѓанската област беше избран шесторангираниот судија Илир Сулејмани, со 11 гласа „за“.
Петорангирана беше судијката Софија Спасова-Медарска, но таа не ја доби поддршката, односно за неа гласаа четврица, а имаше осум гласа „против“.
За прворангираниот за кривична област, судијата Лазар Нанев од судот во Кавадарци, беше истакнато дека го следеле многу контроверзи и затоа не ја доби потребната доверба.
Судијката Лорета Георгиева, пак, истакна дека има пресумпција на невиност и за судијата Нанев нема утврдена одговорност во ниедна постапка.
Прва што ја доби довербата да биде унапредена беше второрангираната судијка Габриела Гајдова од Основниот суд Велес, за која истакнаа дека е со висок интегритет, исклучително стручна, пример за судиска совесност, непристасност, одговорност и храброст. Таа доби 12 гласа „за“. Треторангирана беше судијката Оља Ристова од Основен кривичен Скопје, која ја доби довербата на Советот, ама „падна“ на Бадентерово мнозинство. Судијката Александра Ристова од Основен кривичен беше избрана со 9 гласа „за“ и два „против“, Весна Димишкова од истиот суд доби 11 гласа „за“, исто колку и последниот унапреден судија, Осман Шабани.
Подготвено од М.Д.