10.11.2023 Скопје
Утрово, министерот за правда Кренар Лога има испратено Комисија за надзор при Министерството, кој ќе ја проверува работата на Основниот суд Кавадарци, каде претседател е Лазар Нанев.
На почетокот на неделава, министерот Лога го разреши Нанев од претседател на Советот за координирање на информатичко-комуникациска технологија во правосудните органи (ИКТ), поради нарушен интегритет.
Комисијата ќе врши надзор на работата на кавадаречкиот Суд и на сите забелешки нотирани по анализата на материјалите за седница од Судски совет. Тимот од Министерството за правда ќе го испитува и АКМИС системот.
Министерот Лога информираше дека иницирал и постапка за изработување на нов правилник за функционирање на Советот на ИКТ, врз основа на кој, како што најави, ќе биде формиран и нов состав на ова тело. До Судскиот совет министерот има доставено и допис за отворање на постапката за утврдување на одговорност за работата на претседателот на Основен суд Кавадарци, судијата Нанев.
Лога тогаш појасни дека по добивање и анализа на материјалите за седница на Судскиот совет констатирал дека во доставените материјали се присутни сериозни наводи за нарушен интегритет на судија и евидентно е постоењето на состојба која сериозно загрижува и ја доведува во прашање правната сигурност на граѓаните и загарантираното право да му суди независен и непристрасен судија.
Подготвено од М.Д.