30.11.2023 Скопје
Американската алатка „Амбер алерт“ се активира кога ќе исчезне некое лице, а сите медиуми, полицијата и сите информативни механизми се вклучени во потрагата со известувањето за исчезнатото лице.
Овој систем неодамна беше претставен во Србија под името „Најди ме“, а проектот наиде на позитивни реакции во јавност. Додека пак, Република Северна Македонија се уште нема систем за барање исчезнати лица по примерот на американската алатка „Амбер алерт“.
Интернет страницата „Најди ме“ на интернет веќе функционира и таа споделува податоци на македонски, албански и ромски јазик, но иако страницата постои, не е заживеана целосно.
Откако пред три дена околу 07:30 часот исчезна 14-годишната Вања Ѓорчевска на пат кон училиштето во Дебар Маало, цела држава е на нозе. Откако мајката на девојчето побара помош од граѓаните на својот Фејсбук профил во пронаоѓањето на девојчето, сите се вклучија во споделувањето на информации и детали за неа. Се прегледуваат камери, полицијата активно трага по неа, а и самите граѓани се обидуваат да ја пронајдат, споделувајќи информации за Вања дури и во социјалните групи „Во живо од Грција“, каде што членуваат луѓе од целиот Балкан.
Министерството за внатрешни работи соопшти дека е проверен компјутерот на Вања, со домашните немала никакви проблеми, така што ништо не укажува дека таа избегала оддома поради проблеми. Воедно, 14-годишното девојче немала никакви проблеми ниту на училиште.
Во последните три години, од 2020 година до почетокот на месецов, според официјалните податоци на Министерството за внатрешни работи, во Република Северна Македонија се исчезнати 74 малолетни лица, од кои 65 се пронајдени. Девет деца сѐ уште се водат како исчезнати.
Дали на Република Северна Македонија ѝ е потребен системот „Амбер алерт“?
Станува збор за механизам со кој преку СМС, објави на телевизија, известувања на аеродроми, хотели, гранични премини се даваат податоци на исчезнати деца за нивно брзо пронаоѓање.
Во светот овој механизам е нашироко во употреба, а од неодамна и Србија имплементира систем за итно известување „Најди ме“, со кој, во случај на исчезнување на малолетно дете, се испраќа итно известување во медиумите на секои 30 минути.
Предвидено е медиумите да ја прекинат програмата и да објават фотографија од исчезнатото дете со основни информации. Потоа мобилните оператори ќе им испратат порака на своите корисници за исчезнатото дете, заедно со линк до веб-страницата на Министерството за внатрешни работи.
Во рамките на овој систем е предвидено ЈП „Патишта Србија“, аеродромот „Никола Тесла“, автобуските и железничките станици на своите екрани да објавуваат информации за исчезнувањето на детето.
Претседателот на Центарот за исчезнати и малтретирани деца, Игор Јуриќ, истакна дека системот ќе се активира кога животот на детето ќе биде во опасност, а ќе функционира така што телевизиските програми ќе се прекинуваат на секој половина час во првите осум часа по исчезнувањето.
Јуриќ објасни дека по тие осум часа, до истекот на 48 часа од пријавувањето на исчезнувањето, емитувањето на објавата ќе мора да продолжи на секој час, а потоа медиумите повеќе не се обврзани да ги објавуваат информациие, освен ако полицијата не го побара тоа.
Системот „Најди ме“ претставува дополнителен механизам за пребарување исчезнати лица помлади од 18 години и ќе игра важна улога во случаите во кои се оценува дека информирањето на јавноста може да придонесе за побрзо пронаоѓање.
Сепак, нема да биде објавено секое исчезнато дете. Според системот, во оние ситуации кога објавувањето податоци за исчезнување дете го отежнува случајот, се меша во работата на полицијата и претставува опасност за жртвата, началниците на полициските управи ќе направат одлука за активирање на системот врз основа на јасно дефинирани пораки.
Во земјава веќе две години постои иницијатива овој систем за пронаоѓање исчезнати да заживее, но сѐ уште е на ниво на невладини организации, додека пак Министерството за внатрешни работи има дадено поддршка за идејата и се јавува како активен соработник.
Невладината организација „Новинари за човекови права“ во соработка и под проектен менаџмент на партнерската организација ЕКПАТ го има воспоставено овој систем во Република Северна Македонија.
При промовирањето на овој систем кажано е дека во план е да остварат соработка и со банки, па кога луѓето ќе одат да извадат пари, прво што ќе се случи е да излезе фотографија на исчезнатото лице со сите основни податоци.
Како што информира невладината организација „Новинари за човекови права“, идејата е да се соработува и со јавниот градски превоз, такси-компаниите и со мобилните оператори, хотелите и сите оние места каде што има поголема фреквенција на луѓе.
Од 2022 година и Хрватска има „Нено аларм“, со кој кога ќе исчезне дете, хрватската полиција ја известува компанијата „Мета“, која испраќа известување до граѓаните на социјалните мрежи Фејсбук и Инстаграм – во радиус од 60 километри од местото каде што детето е видено последен пат.
Системот се користи и во повеќе европски држави – Белгија, Чешка, Франција, Германија, Грција, Малта, Ирска, Полска, Бугарија, Италија, Холандија, Бугарија.
Системот „Амбер алерт“ (Amber alert), врз основа на кој е создаден „Фајнд ми“ (Find Me), е создаден во САД во 1996 година, а го добил името по Амбер Хагерман, деветгодишно девојче од Тексас што било киднапирано и убиено.
Вообичаената полициска практика во светот беше потрагата по исчезнати лица, вклучувајќи и деца, да започне по 24 или 48 часа, за да им се даде шанса на оние што во афект побегнале од дома или отишле кај момче или девојка да се вратат. На овој начин полицијата заштедувала ресурси, но трагичниот настан во 1998 година ги променил сите процедури и светот го добил системот „Амбер алерт“, кој во голема мера ги зголемува шансите за пронаоѓање на исчезнатите деца.
Амбер била девојче што живеело типичен американски живот, возело велосипед, било во извидници и не се разликувало од своите врсници.
Сето тоа се сменило на 13 јануари 1996 година.
Нејзиниот помал брат и таа ги возеле своите велосипеди до паркингот на една напуштена продавница, бидејќи таму била инсталирана рампа за велосипеди, па сите деца се собирале таму. Нејзиниот брат си заминал, но таа останала, што било и фатална грешка.
На нејзиното киднапирање посведочил еден постар жител на Арлингтон, кој подоцна сведочел дека видел црн автомобил или пикап со темна боја како застанува, а возачот го грабнува детето. Девојчето врескало и се обидело да избега, но возачот бил пресилен за детето, кое не успеало да се спаси.
Сведокот повикал полиција и го пријавил случајот. Патролата пристигнала брзо и го снимила описот даден од сведокот, дека киднаперот е бел или Шпанец, на возраст меѓу 25 и 40 години, просечна висина, просечна градба. Опис што не може многу да ѝ помогне на полицијата.
Иако сведокот бил стар, а описот општ, почнала опсежна потрага, а бидејќи станувало збор за киднапирање, се вклучиле и агентите на ФБИ. Во претресот учествувале дури 60 полицајци. За жал, сето тоа било залудно.
Случаен минувач шетајќи го своето куче го пронашол телото на Амбер пет дена подоцна, фрлено во поток. Местото каде што било пронајдено телото било на помалку од 10 километри од паркингот каде што се случило киднапирањето.
Обдукцијата ја реконструираше агонијата низ која поминало детето. Криминалецот ја одржувал во живот два дена, ја тепал и ја силувал, а потоа ѝ го пресекол грлото. Телото било пронајдено без облека, само со еден чорап.
Нејзиниот убиец никогаш не бил изведен пред лицето на правдата.
Американската јавност беше толку шокирана што реши да преземе акција и да создаде систем што ќе ги зголеми шансите за преживување на децата што се жртви на криминални киднапирања. И создаден е системот „Амбер алерт“, кој го носи името во чест на убиеното девојче од Арлингтон, а благодарение на кој се спасени безброј животи.
„Амбер алерт“, односно системот „Најди ме“, е важен затоа што времето е пресуден фактор. Експертите велат дека е важно јавноста што поскоро да биде информирана, бидејќи во такви случаи секоја информација е важна.
Експертите објаснуваат дека имајќи предвид дека е докажано дека првите 48 часа по исчезнувањето се клучни за пронаоѓање дете, медиумите се обврзани да информираат во тој рок, почнувајќи од приемот на информацијата за исчезнувањето.
Според нив, првите два дена се клучни.
Според истражувањата, во повеќето случаи злосторството се случува во првите четири часа од киднапирањето, така што времето е од суштинско значење, а системот за предупредување „Амбер алерт“ ги зголемува шансите за преживување на детето за над 90 проценти.
Меѓународната соработка за предупредувања за киднапирање деца, како што е системот Amber Alert, често ги вклучува соседните земји за да се подобрат шансите за лоцирање на исчезнатите деца кои би можеле да ги преминат границите. Земјите во непосредна близина може да воспостават договори или протоколи за да го олеснат брзото споделување на информации во случај на киднапирање дете.
Напорите за соработка за предупредувања за киднапирање деца меѓу земјите ја нагласуваат глобалната посветеност на безбедноста на децата, признавајќи дека брзата, координирана акција е од суштинско значење во вакви критични ситуации.
Подготвено од М.Д.