21.11.2023 Скопје
Министерството за надворешни работи на Србија донесе одлука Хрвој Шнајдер, прв секретар во Амбасадата на Република Хрватска во Белград да го прогласи за персона нон грата, согласно член 9 од Виенската конвенција со кој се регулираат дипломатско-конзуларните односи.
„За време на неговиот професионален ангажман во Република Србија, Шнајдер грубо отстапи од рамката на дипломатските норми и ја прекрши гореспоменатата Конвенција. Во оваа прилика, до амбасадорот на Република Хрватска, Хидајет Бишчевиќ, била доставена дипломатска нота“, соопшти српското Министерство.
Министерството за надворешни работи, како што се додава, изразува жалење за однесувањето на споменатиот дипломат во изминатиот период, кое не придонесува за подобрување на билатералните односи меѓу Република Србија и Република Хрватска, добрососедската соработка и севкупно подигање на нивото на мирот и стабилноста во регионот.
Во соопштението, Министерството изразува и очекување дека Република Србија и Република Хрватска ќе работат заедно на градење меѓусебна доверба, со цел остварување на заедничка европска иднина.
Подготвено од А.Ѓ.