20.11.2023 Скопје
Четириесет и петти ден од конфликтот меѓу израелската армија и Хамас.
Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант изјави дека либанскиот Хезболах истрелал повеќе од 1.000 проектили врз неговата земја од почетокот на конфликтот.
Од друга страна, Министерството за здравство во Газа, кое го води Хамас, соопшти дека вкупниот број на загинати Палестинци во Појасот Газа е 13.000, меѓу кои 5.500 деца.
Додека пак, израелските одбранбени сили соопштија дека бројот на загинати војници се искачи на 63.
Израелската војска соопшти дека извршила рација во домовите на високи функционери на Хамас во луксузниот кварт Римал во Газа, известувајќи дека пронашла околу 35 тунели и големо количество оружје.
Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, рече дека и покрај масовните бомбардирања во Газа, израелските сили не се во можност да ја уништат милитантната група Хамас, повикувајќи ги исламските влади да ги прекинат политичките врски со Израел.
За тоа време, 31 предвремено родено бебе било евакуирано од болницата Шифа во северниот дел на Газа, потврди Светската здравствена организација, како и палестинските власти. Бебињата од јужниот дел на Газа ќе бидат префрлени во болниците во Египет.
Истовремено високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, побара итно да се спроведе одлуката на Советот за безбедност на Обединетите нации за хуманитарни паузи во палестинската енклава.
Подготвено од А.Ѓ.