28.11.2023 Скопје
Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, учествува на првата Глобална конференција на сајбер капацитети (GC3B) 2023 на тема „Сајбер отпорност за развој“, која од денеска до 30-ти ноември се одржува во Акра (Гана). Минатиот ноември Северна Македонија стана 103-тата членка на Глобалниот форум за сајбер експертиза и со тоа се вброи во земјите кои активно се залагаат за подобрување на сајбер капацитетите и нивната безбедност.
Во пресрет на официјалното отворање на овој настан, вицепремиерката Грковска имаше воведно обраќање на работниот појадок во Акра, посветен на улогата на жените во градењето сајбер капацитети.
„Жените традиционално се недоволно застапени во технолошкиот и сајбер-безбедносниот сектор, не само во политиката. Недоволната застапеност не само што го попречува напредокот на родовата еднаквост, туку води и до пропуштени можности во иновациите и решавањето на проблемите. Од витално значење е да ги охрабриме и поддржиме жените да напредуваат на ова поле, но и силно да се спротивставиме на сите стереотипи по ова прашање“, нагласи вицепремиерката Грковска и додаде дека во дигиталниот развој, од суштинско значење е да се осигураме дека имаме инклузивна работна сила, што значи зајакнување на жените и обезбедување еднакви можности.
„Како жена со долго искуство во политиката и како математичар силно верувам во потребата од целосно инклузивен и стратешки пристап во креирањето на одржливи политики“, изјави Грковска.
Осврнувајќи се на регионалната соработка за овие теми, вицепремиерката Грковска го претстави Форумот на жени лидери од ЈИЕ за добро владеење и антикорупција, истакнувајќи дека оваа инцијатива во основа е поддршка и платформа за размена на искуства и соработка за сите жени од регионот кои работат во делот на политиките за добро владеење, справувањето со корупцијата, како и за жените кои се посветени на градење сајбер капацитети, затоа што овој сектор е директно поврзан со обезбедувањето подобри услуги за граѓаните, намалувањето на коруптивните практики и јакнењето на транспарентноста и отчетноста.
Вицепремиерката Грковска во своето обраќање ги претстави и активностите на Националниот совет за дигитална трансформација и се осврна на значењето на градењето сеопфатни решенија, мултисекторскиот пристап, добрата координација на донаторската помош и подготовката на современа легислатива, која успешно ја врамува дигитализацијата на сите општествени нивоа.
Таа истакна дека дигиталната трансформација на општеството е процес во кој мора да бидат вклучени сите. „Кога зборуваме за дигитализација, мора да зборуваме и за сајбер безбедност, бидејќи без создавање на ефикасен систем на заштита граѓаните нема да имаат доверба во овие процеси“, нагласи Грковска.
Подготвено од М.Д.