29.11.2023 Скопје
На северот на Шведска деновиве е многу студено, а има само неколку часа дневна светлина.
За само еден месец ќе биде темно неверојатни 20 часа дневно. Доколку случајно се најдете во градот Лулео деновиве, можеби ќе ве изненадат поздравите на сосема непознати луѓе на улица, во продавница, на автобуска станица…
Имено, градските власти започнаа кампања за борба против осаменоста во студените и темни месеци. Тие ги поттикнуваат луѓето да си кажат „здраво“ и со овој мал поздрав го разубавуваат денот и на себе и на некој непознат.
Кампања Säg еј! (во превод „кажи здраво“) се рекламира на плакати, во автобуси и се одржуваат работилници во училиштата. Нејзината цел е да ја ублажи социјалната изолација.
За разлика од земјите во Медитеранот или Америка, Швеѓаните не се грижат премногу за обичните разговори со странци. Додека во многу култури муабетот, лежерниот разговор за неважни теми со луѓе кои површно ги познаваме е дел од нормалното однесување, Швеѓаните не го сакаат таканаречениот „мал разговор“. Згора на тоа, тие го презираат. Сметаат дека целта на разговорот е размена на корисни информации, а бидејќи четувањето не е тоа, не гледаат смисла во тоа.
Дотолку поневообичаена е кампањата што е започната во градот Лулео. Поттикнувањето на луѓето да си кажат „здраво“ или „добар ден“ би било излишно и исмејувано во некои земји, но Швеѓаните треба да бидат охрабрени да го сторат тоа.
Едно неодамнешно истражување покажало дека меѓу луѓето на возраст од 16 до 29 години во тој град, дури 45 отсто од нив се чувствувале осамено. Кај оние на возраст од 85 и повеќе години, бројката е помала, 39 отсто кај жените и 26 отсто кај мажите. Алармот го вклучи фактот дека младите најмногу се борат со осаменоста, а зимската сезона, кога има помалку активности на отворено и социјални настани и собири, беше идеална можност да се започне кампања која може да им помогне на луѓето.
Подготвено од А.Ѓ.