01.11.2023 Скопје
Поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, која ја издржуваше четиригодишната затворска казна од септември 2020 година откако беше правосилно осудена во случајот „Тенк“ за набавката на владиниот луксузен „мерцедес“, утрово излезе од затворот „Идризово“.
Сопругот и адвокат на Јанкуловска, Влатко Илиевски, потврди дека Гордана утрово излезе од затвор.
„Сега е важно да ги почитува препораките кои се придружени со условниот отпуст“, посочи Илиевски.
Излегувањето од затвор е со условен отпуст по одлука донесена од Апелација – доколку до крајот на септември следната година не направи ново кривично дело.
Јанкуловска по три години и еден месец излезе од затвор откако Апелацискиот суд во Скопје ја уважи нејзината молба за условен отпуст од натамошно издржување на затворската казна за случајот „Тенк“.
При донесувањето на ваквата одлука биле земени предвид повеќе фактори – дека е мајка на петгодишно дете, кое било лишено од мајчинска грижа и воспитување, како и нејзиното однесување во затворот.
Таа ги почитувала правата и обврските кои произлегуваат од куќниот ред на затворот, се вклопила во домската средина во која имала максимално пријателски односи со другите осудени лица и не манифестирала насилни и конфликтни однесувања.
Јанкулоска во затворот била работно ангажирана во библиотеката на женското одделение и својот ангажман го извршувала со посветеност, навремено и во целост.
Во одлуката на второстепениот суд се наведува дека Јанкуловска од 1 ноември се ослободува од натамошно издржување на затворската казна под услов до истекот на условниот отпуст, кој е утврден до крајот на септември следната година, да не стори ново кривично дело.
Подготвено од М.Д.