27.11.2023 Скопје
Седумнеделното воздушно бомбардирање на Израел врз Појасот Газа уби околу 12.000 луѓе и срамни со земја голем дел од малата, но густо населена област. Аналитичарите велат дека обемот на уништувањето делумно се должи на обемот на бомбардирањето на Израел, но и на големината на неговите бомби.
„Тоа е надвор од се што сум видел во мојата кариера“, изјави Марк Гарласко, воен советник на холандската организација „PAX“ и поранешен висок разузнавачки аналитичар во Пентагон.
Тој рече дека „можеби ќе треба да се вратиме во Виетнам или Втората светска војна“ за да најдеме историска споредба за толку многу големи бомби што се користат на толку мала област.
Околу 90 отсто од муницијата што Израел ја фрли врз Газа во првите две недели од војната беа бомби управувани од сателити со тежина од 450 до 900 килограми, изјави висок американски воен претставник.
Гарласко истакна дека бомбите се „навистина големи“ и се користат во голем обем и покрај тоа што Израел има и илјадници помали бомби од Соединетите Држави кои се дизајнирани да ја минимизираат штетата.
За споредба, американските воени претставници сметаа дека воздушната бомба од 230 килограми е премногу голема за да се користи на повеќето цели на Исламската држава во урбаните области на Мосул, Ирак и Рака, Сирија.
Појасот Газа е само 227 квадратни километри со население од околу два милиони луѓе, што го прави едно од најгусто населените места во светот.
Израелската војска соопшти дека борците на Хамас живеат меѓу цивилите во Газа и користат комплексна мрежа од тунели под градот за засолниште и транспорт на оружје, што го прави единствено бојно поле.
Портпаролот на израелските одбранбени сили Џонатан Конрикус рече дека стратегијата на Хамас да живее меѓу цивилите во Газа е „главната причина зошто има цивилни жртви“.
Големите бомби што се користат во Газа се погодни за напади на подземна инфраструктура како што се тунели, изјави Брајан Кастнер, истражувач за оружје за Амнести интернешенел и поранешен офицер за уништување експлозивни направи во американските воздухопловни сили.
Иако меѓународните закони за војна не забрануваат убиства на цивили, тие велат дека војската не треба неселективно да бомбардира цивилни области и дека штетата треба да се сведе на минимум.
Соединетите држави убиле илјадници цивили во воздушни бомбардирања во последниве години, но се обидуваат да ја минимизираат штетата со трошење време на набљудување и проценување дали цивилите се внатре во зградата. Таков вид на загриженост „буквално не е возможен за Израелците ако извршат толку многу напади во толку време“, рече Кастнер.
„Тие користат исклучително големо оружје во екстремно густо населените области. Тоа е најлошата можна комбинација на фактори“, додаде Кастнер.
Подготвено од А.Ѓ.