13.11.2023 Скопје
Глобалното затоплување петкратно ја зголеми стапката на топење на глечерите на Гренланд во последните 20 години, соопштија научниците од Универзитетот во Копенхаген.
Топењето на мразот на Гренланд предизвикува особена загриженост бидејќи древната ледена покривка, доколку целосно се стопи, има доволно вода за да го подигне нивото на морето за најмалку шест метри.
Студијата на илјада глечери во областа покажа дека стапката на топење влезе во нова фаза во последните две децении, рече Андерс Анкер Бјорк, доцент на Катедрата за геонаука и управување со природни ресурси на Универзитетот во Копенхаген.
„Постои многу јасна корелација помеѓу температурата што ја доживуваме на планетата и промените што ги гледаме во тоа колку брзо се топат глечерите“, рече Бјорк.
Глечерите се намалуваат во просек за 25 метри годишно, во споредба со пет до шест метри пред околу две децении, заклучија научниците по проучувањето на развојот на глечерот во текот на 130 години преку сателитски снимки и 200.000 стари фотографии.
Како што изјавија научниците од ЕУ претходно овој месец, светот веќе се загреал за речиси 1,2 степени Целзиусови над прединдустриските температури, а веќе е практично сигурно дека 2023 година ќе биде најтоплата во последните 125.000 години.
„Намалувањето на температурата ќе бара светско единство во напорите за минимизирање на стакленички гасови во атмосферата“, додадоа научниците.
„Верувам дека можеме да се подготвиме за тие глечери да продолжат да се топат со постојано растечка брзина“, рече директорот на Институтот за клима во Архус, Јорген Еивинд Олесен.
Глечерите на Гренланд често се користат за предвидување на ефектите од климатските промени на ледената покривка на најголемиот остров во светот.
„Ако почнеме да сфаќаме дека глечерите ја губат масата неколку пати побрзо отколку во минатиот век, тоа може да нè наведе да очекуваме ледената покривка да го следи истиот пат само на побавен и подолг временски размер“, рече вишиот истражувач Вилијам од Геолошки институт Колган.
Истражувањата покажуваат дека ледената покривка на Гренланд придонела за 17,3 отсто за зголемувањето на нивото на морето меѓу 2006 и 2018 година, а глечерите, од кои има околу 22.000 на островот, придонеле со 21 отсто.
Подготвено од А.Ѓ.