09.11.2023 Скопје
Општина Центар вчера ја одржа првата форумска сесија за планирање на буџетот за 2024 година, на која учество зедоа градоначалникот Горан Герасимовски, раководителите на сите сектори на општинската администрација, советници во Советот на општината, претставници на невладини организации, како и граѓаните на Центар. Преку овие форуми општината ги вклучува граѓаните во креирањето и реализацијата на програмите и стратешките планови. На првата сесија, градоначалникот Герасимовски направи пресек на сработеното во изминативе две години и ги повика жителите на Центар со свои предлози да придонесат за креирање на поквалитетен и подобар живот во општината.
„Изминативе две години се фокусиравме на реалните потреби на жителите на Центар. Се насочивме кон современо и инклузивно образование, нови паркинг места, енергетска ефикасност, чиста животна средина, квалитетна инфраструктура, развој на културата и спортот. Принцип на нашата работа е да имаме редовна комуникација со граѓаните и затоа сме на врвот мегу локалните самоуправи по транспарентност и квалитетно работење”, порача Герасимовски на форумот.
Градоначалникот ги посочи и проритетите за наредната година, меѓу кои целосна реализација на градинката „Пролет“ чија изградба е во тек, изградба на монтажна гаража во Капиштец, реконструкција на уште 14 улици.
Граѓаните, кои учествуваа активно во сесијата, побараа зелени градини и интерактивни паркови за секое училиште, пристапна рампа во училиштето ,,Димитар Миладинов# за деца со посебни потреби, дигитализација во градинките. Предложија изготвување онлајн туристички водич, поставување ,,лежечки полицајци’’ на фреквентните улици, уредување на просторот кај Зелено пазарче до поранешен Коктел бар, замена на плочникот и поставување изолација за да се заштитат подземните гаражи, а побараа и уредување на паркот во Капиштец, на потегот од Зебра кон Беверли Хилс , како и да се постави зелен кров на градинката Кочо Рацин. Финалната буџетска сесија со граѓаните ќе се одржи на почетокот на декември.
Подготвено од М.Д.