spomenik na kosovo

16.11.2023 Скопје

Француската амбасада во Приштина соопшти дека „ќе ги разгледа техничките можности сите споменици во воениот дел на гробиштата да бидат свртени како што биле порано“.

Соопштението доаѓа по лавина критики и осуди од српската јавност поради отстранувањето на спомениците на загинатите српски војници во периодот од 1912 до 1918 година, на српските православни гробишта во Приштина.

Амбасадата на Франција посочува дека „жали за контроверзноста поврзана со реорганизацијата на споменикот во воениот дел на православните гробишта во Приштина“.

„Во моменталните околности и наспроти предизвиканите емоции, амбасадата заедно со сите страни ќе ги разгледа техничките можности сите споменици во воениот дел на гробиштата да бидат превртени како што биле претходно, а тоа вклучува нова спомен плоча во спомен на француските војници кои ги загубија животите за време на службата во КФОР“, се вели во соопштението.

„Француската амбасада повикува на почитување на споменот на сите загинати војници на фронтот за време на Првата светска војна, како што тоа го прави церемонијата организирана заедно со германската амбасада, во знак на француско-германското помирување“, се заклучува.

Споменикот на загинатите српски војници во војните од 1912 до 1918 година во меморијалниот парк на православните гробишта во Приштина беше поместен од централното место, што предизвика бројни реакции. Претставниците на Србите и Рашко-призренската епархија бурно реагираа, а Канцеларијата за Косово и Метохија соопшти дека ги известила меѓународните мисии на Косово.

Подготвено од М.Д.

About Author