13.11.2023 Скопје
Финска и Израел потпишаа договор вреден 317 милиони евра за испорака на израелскиот одбранбен ракетен систем со долг дострел „Давидова прашка“ на финските одбранбени сили, соопшти денеска израелското Министерство за одбрана.
„Генералниот директор на Министерството за одбрана Ејал Замир потпиша договор за продажба на „David’s Slingshot“ на Финска во вредност од околу 317 милиони евра. Тој е еден од водечките светски системи за пресретнување закани, вклучувајќи балистички ракети, крстосувачки ракети, авиони и беспилотни летала“, се вели во соопштението на израелското министерство на мрежата Х (Твитер).
Израелскиот систем значително ќе го зголеми досегот на финската противвоздушна одбрана, соопшти финскиот јавен сервис Yle и потсетува дека Финска веќе го користи норвешкиот систем за воздушна одбрана NASAMS 2.
Подготвено од А.Ѓ.