28.11.2023 Скопје
ЕУФОР не доби докази или информации кои би го потврдиле присуството или активностите на какви било паравоени кампови на територијата на Босна и Херцеговина, потврдија овие вооружени сили.
Во врска со информациите дека наводно има одредени воени кампови во Босна и Херцеговина под контрола на други земји, ЕУФОР нагласи дека тие немаат сознанија за тоа, и дека користат различни средства за да имаат детален и објективен увид во безбедносната состојба во Босна и Херцеговина.
„Покрај методите и средствата за собирање податоци кои ни се достапни, ЕУФОР одржува редовни контакти со своите партнери во властите во БиХ, од локално до национално ниво, кои се занимаваат со безбедносни прашања“, беше објавено меѓу другото.
Тие, исто така, истакнаа дека остануваат посветени на соработката со властите во Босна и Херцеговина, со цел ефективно да се одговори на потенцијалните безбедносни закани.
„ЕУФОР континуирано вложува напори во следењето на развојот на ситуацијата во регионот со цел да се одржи безбедна и стабилна средина. ЕУФОР останува цврсто посветена на безбедноста во регионот“, се наведува во соопштението, потсетувајќи дека ЕУФОР е активен и во на локално ниво низ БиХ, со своите 19 тимови за врски и набљудување (ЛОТ куќи) лоцирани во локалните заедници во сите делови на земјата.
„ЛОТ куќите се во секојдневен контакт со локалните заедници и властите. Ова им овозможува на ЕУФОР да одржува директен контакт со населението и да го идентификува секое прашање што може да претставува закана за безбедна и стабилна средина. ЕУФОР, со постојана поддршка и посветеност на ЕУ, ќе продолжи да го следи развојот на безбедносната ситуација и ќе одржува блиски врски со нашите партнери во властите во БиХ. ЕУФОР е посветена на силно партнерство со БиХ“, заклучија мировните сили.
Подготвено од А.Ѓ.